Портпаролот на грчката влада и Здружението на странски дописници го осудија нападот врз новинарот Јакоби

За вчерашниот напад врз новинарот Томас Јакоби за време на протест против мигрантите, со реакција и осуда излегоа портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас и Здружението на странски дописници во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Група непознати лица, веројатно радикални десничари, физички го нападнаа Јакоби, кој е дописник за француски весник и за германско Дојче Веле, а во минатото има работено на документарен филм за Златна зора.

-Владата на категоричен начин го осудува фашистичкиот напад на Синтагма врз новинарот Томас Јакоби. Слободата на изразување и заштитата на функционирањето е должност на секоја демократска држава. Ставот на Владата останува немилосрден кон силите на насилството и радикалноста, кои се непријатели на слободата на изразување, на плурализмот и на демократијата, вели Пецас и додава дека надлежните власти веќе работат на расчистување на случајот и пронаоѓање на одговорните за да ги изведат пред лицето на правдата.

Нападот врз Јакоби го осудија и од Здружението на странски дописници и велат дека станува збор за втор таков напад кон конкретниот новинар и бараат од надлежните да ги пронајдат одговорните.

-Здружението ќе побара итни состаноци за преземање мерки за да се гарантира безбедноста на новинарите, на дописниците за безбедно и без ограничувања извршувањето на нивната работа. Конкретно, не може да се толерира постоењето на организирани групи за напади на радикалните собири кои имаат за цел да ги заплашат новинарите кои не им се допаѓаат, соопштуваат од Здружението на странски дописници.

Новинарот Јакоби, рече дека бил физички нападнат, а непознатите лица го тепале цели четири минути, а побегнале кога дошла полицијата.

-Мислев дека со толку полиција ќе можев да работам, но повторно згрешив. Но, ова не е причина за да се кријам и нема да се исплашам. И ова ќе биде во вториот филм што го подготвуваме за Златна зора, рече нападнатиот странски дописник.

Јакоби беше физички нападнат и лани во јануари за време на протестот за македонското прашање.