Портрет на бројлер-политичар

Речиси од моментот кога ја почнува професионалната кариера, политичкиот профил на Радмила Шеќеринска ми е еден од најинтересните. Еден е од оние ликови што би биле предмет на набљудување и на анализирање на писатели од рангот на Достоевски, на пример. Таа е фантастичен пример за нешто што би можело да се опише како „брендирано ништо“. Ваков тип „политичари“ беа масовно произведувани преку курсевите во Кумровец во последните десет години пред распадот на СФРЈ – еден вид претходница на денешните корпоративно-мафијашко-неоколонијалистички курсеви за бројлерчиња, кои се „клукани“ со директиви.

Таа дури би можела да се класифицира типолошки како комбинација на Васил Тупурковски и Тито Петковски. Тито за мене секогаш бил човек-сенка. А за Тупурковски, на времето, кога ќе ме караа во „Вечер“ зашто сум го критикувала обожаваниот и популарен Циле национале, секогаш барав на лист хартија да ми набројат три конкретни работи што ги завршил и по кои ќе го паметат или да ми посочат што запаметиле од она што кажал, а говореше, баш многу. Бидејќи никогаш не можеа да се сетат на ништо, одговорот на моето прашање зошто толку ги фасцинира беше: „Ништо не го разбравме, ама добро зборуваше“. Шеќеринска во континуитет се гради како политичар што многу зборува, но ништо не кажува. И она што го кажува главно нема врска со она што го говори. Веројатно затоа секој нејзин исказ за што било изобилува со придружни моторички дејства како нагласено климање со глава или широки грч-насмевки (да го толкуваме како акцентирање) и честа употреба на поимите, во принцип, апсолутно, генерално, тези…

Јас, како што реков, во континуитет ги следам и ги прибележувам нејзините јавни настапи. Вклучително и последниот на „24 часа“. Еве неколку битни примери за поткрепа на погорниот опис, па вие видете што всушност кажала или дали воопшто нешто кажала госпоѓата што убаво зборува, иако никој под оваа капа небеска не може да каже што разбрал.

1. СДСМ мерел дека владејачката партија, и покрај измените во Изборниот законик, троши народни пари за себерекламирање. Како го прави тоа мерење опозицијата? Мери „една секунда временско време“. Ич не ме прашувајте! Не е грешка. Си кажа госпоѓата.

2. Оваа власт може да се победи и на избори.
Ах, да си жива и здрава! Вредноста на оваа изјава е во она „и“ зашто открива дека СДСМ досега играл исклучиво на опцијата насилно, неуставно, незаконски, недемократски, превратнички, интервенционистички, крваво до власта, а во сите овие случаи токму Шеќеринска имаше улога на македонски Кличко.

3. И улиците служат за политичка борба. Протестите, како и изборите, се дел од демократската игра. Но кога не може да се случат промени по нормален пат, мора да се вклучат и другите опции.
Ајде да го расчлениме кажаното за да разбереме што сакал да каже писателот. Значи, ако улицата и протестите се дел од демократската игра како и изборите, категоризирани како нормални начини, тогаш кој е ненормалниот пат за да се стигне до промени? Која е рамката во која улицата и протестот се демократски? Да речеме, заземање на институциите, улични борби со полицијата, палење згради, убивање луѓе, оружена борба, герила, надворешна интервенција, воен удар, граѓанска војна? Што е ненормалниот пакет на Радмила, кој ќе помогне Македонија да стане нормална? Да ја упростам докрај сликава како Мондријан: ако некого гаѓате со осиромашен ураниум, па од тепање му ја вадите душата низ задник, па го препуштате на борци за човекови права да му резбарат на живо кожа, па го понижувате како во Гвантанамо или Абу Граиб, па го гаѓате со дронови, па го сместите во конц-логор со чувари од типот на Лидија Димова за да му лоботомира личен идентитет, па ги крчмите и нацијата и територијата на државата со беспоговорно слугување на секакви директиви, дали тој некој, откога ќе „победи“, ќе може да стане нормален. Кој е во оваа приказна ненормален, бе, прашувам сега јас?

4. „Станува јасно кој за кого игра“. Коментаров се однесува на коалицирањата и прегрупирањата или партиските миграции пред овој изборен период.

Јас ќе го ставам во поширок контекст, зашто Шеќеринска како претставник на необројлерската евроатлантска школа заборава на фактот дека македонскиот избирач редовно ги претвора во слики зборовите што ги слуша. Врз основа на сликата што ја добива, потоа тој гради впечаток. Оттука, горекажаното од Шеќеринска веднаш ја активира меморијата и човекот веднаш ја здогледува пошироката слика за тоа кој за кого игра во случајот со спорот со Грција за името, за темпираните дејства на СДСМ во време кога се подготвуваат извештаите на ЕУ за Македонија, активирањето на сенекои „невладини“ централи, и тоа во „секунда временско време“, по повод секакви случаи, драматизирањето банални работи, како оној за осомничениот за стопански криминал на Шиповиќ и слично.

5. Коалицијата ДПМНЕ и ДУИ е во криза, ама и не е. Во врска со ЕУ и со НАТО ту се разбираат ту не се разбираат. На етничките теми, ќе почнат да креваат прашина, па ќе средат сѐ меѓу себе. Тоа е политика зад затворени врати.

Јас тешко можам да видам што е она што критикува овде вицелидерката на СДСМ. Она што го кажа, а јас го интерпретирав за да го разберете, е она што е основна дејност на политичките коалиции. И таа не се одвива на отворено. На пример, кога СДСМ иако јавно вети дека никогаш нема да коалицира со ДУИ, ја промовираше како релевантен и незаменлив политички партнер во која било влада. Таа беше вицепремиерка, па зад затворени врати, заедно со ДУИ ѝ го тапосаа на Македонија духот на рамковниот и, по криминалната приватизација, одработија својски уште и територијална поделба, со што удрија темел за федерализација на државата. Сега „нормално“ е што Шеќеринска е загрижена оти САД рекле дека Бих и Македонија се точки што можат да го дестабилизираат регионот. Како и секој „Клич“, кој се прихранува со ГМО четири пати неделно во центрите за глупоќа, и таа никако да разбере дека директно учествувала и учествува во креирање услови за дестабилизација. Што ќе рече, служи. Во функција е. Не на просперитетот на Македонија. На сопствениот, по огромна цена што треба другите да ја плаќаат.

Шеќеринска не знае за што преговара Владата со Атина, а преку Нимиц. Знае дека се работи за едно име со географска одредница, за употребата и опсегот на употребата на придавките (јазикот и идентитетот, значи), ама сепак не знае ништо оти опозицијата не била вклучена. Но иако не знае, знае со сигурност оти Владата прифатила предлог на Нимиц што го одбила Атина оти не ѝ одговарал. СДСМ има јасен и прецизен став по ова прашање, кој не го кажува за да не ѝ ја отежне работата на Владата во преговорите, иако Владата прифаќа предлози што се штетни за Македонија.

Разбравте ли кој е прецизниот став на СДСМ за името, за членството на Македонија во ЕУ, кое апла е условено со овој спор, а таа цени дека ние „сме се навикнале да бидеме последни и да нѐ претркуваат држави како Србија, Албанија и Црна Гора“? Ако разбравте, кажете ми и јас да разберам. Што да знае човек! Можеби навистина жената умее да вари компир без вода.

 

Мирка Велиновска за Нова Македонија