Португалија на мундијалот без Диого Жота

Напаѓачот на англискиот премиерлигаш Ливерпул и на португалската фудбалска репрезентација Диого Жота ќе го пропушти Светското првенство во Катар зимава, поради повреда на мускулот на листот на ногата, објави неговиот клупски тренер Јирген Клоп.

Португалскиот 25-годишен напаѓач на носилки беше изнесен од теренот во последните минути од дербито против Манчестер Сити, одигран во неделата на „Енфилд“.

„Станува збор за доста сериозна повреда на листот. Тажна вест за момчето, за нас и за Португалија“, изјави Клип на прес-конференција во пресрет на дуелот против Вест Хем, а напомна и дека Жота со месеци ќе отсуствува од терените.

„Изненадувачки е добро. Тој е исклучително паметно момче. Мислам дека веќе знаеше кога го изнесуваа од теренот. По натпреварот ми објасни што се случило. Мислам дека уште тогаш знаеше дека повредата е сериозна и дека тоа ќе влијае на неговите сништа за Светското првенство“, рече германскиот фудбалски стручњак.

Жота сезонава веќе отсуствуваше од терените поради повреда на бутниот мускул. Го пропушти почетокот на сезоната, а првиот влезе во игра како замена на 3-ти септември во градското дерби против Евертон.

Кон крајот на септември одигра два натпревара за селекцијата на Португалија во Лигата на нациите, а против Чешка постигна и погодок во победата од 4:0. Тоа е неговиот единствен гол сезонава.

Во дресот на Ливерпул впиша пет асистенции, од кои три беа во дуелот на Лигата на шампионите против Ренџерс во Глазгов, каде што беше додавач за најбрзиот „хет-трик“ во Лигата на шампионите кој го оствари Мохамед Салах.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.