Португалија покрена нова потрага по Медлин МекКен

Во Португалија е започната нова потрага во истрагата за исчезнувањето на британското девојченце Медлин МекКен пред 16 години.

Полициски нуркачи се забележани како влегуваат во водите рано утрото во вторникот во вештачкото езеро Бараген до Араде, на околу 50 километри од Праија да Луж каде Медлин исчезна во 2007 година. На езерото се наоѓал и полициски моторен чамец со двајца полицајци, пренесуваат локалните медиуми.

Во соопштението на португалската судска полиција (Policia Judiciaria) од понеделникот се наведува дека го координираат пребарувањето а во Алгарве на барање на германската полиција и во присутност на британски полицајци. Во понеделникот во медиумите се појавија фотографии на португалски полицајци на патеките во близина на езерото и како ја затвораат областа со полициски ленти.

Пријавено е дека главниот осомничен за исчезнувањето на Медлин, сега 45-годишниот сексуалниот престапник Кристијан Брукнер, престојувал во таа област меѓу 2000 и 2017 година. Иследниците веруваат дека тој ја убил Медлин, која тогаш имала три години, откако ја грабнал од апартманот во кој нејзиното семејство го минувал летниот одмор.

Брукнер, кој ја негира својата вмешаност во исчезнувањето на Медлин, португалските службеници го идентификуваа како осомничен во јуни 2020 година. Со соочува со обвинувања во Германија за низа одвоени престапи наводно сторени во Португалија во тоа време. Се очекува дека германските власти подоцна во вторникот ќе објават официјална изјава за потрагата.

Последната потрага во Португалија во врска со исчезнувањето на британското девојченце се одвиваше во 2014 година, кога британската полиција доби дозвола да го пребара жбунестиот терен во близината на местото каде исчезнала.

Претходно месецов родителите на Медлин, Кејт и Гери МекКен објавија куса изјава на својата веб-страница за кампањата Find Madeleine за да ја одбележат годишнината од нејзиното исчезнување. Притоа наведоа „Денска се одбележува 16 години од грабнувањето на Медлин….Сѐ уште недостига… сѐ уште силно недостига“.