Португалија во приправност следува третиот топлотен бран

На броевите на мобилните телефони на сите жители на Португалија им е испратена порака со предупредување за исклучително голема опасност од избувнување шумски пожари додека земјата се подготвува за третиот топлотен бран ова лето.

Португалија повторно е во состојба на приправност, откако метеоролозите за следните денови најавија температури до 38 Целзиусови степени и силни ветрови.

Во пораката сите жители од руралните делови на земјата се предупредени да се воздржат од секакво палење оган на отворено. Истовремено владата го ограничи пристапот до шумите и забрани користење уреди и машини за да се избегне било каква искрење кое може да предизвика пожар.

Вонредната ситуација стапи на сила од полноќ кон неделата и ќе важи до вторник.

Годинава Португалија како последица од топлотните бранови и сушата, според процените на владата, веќе изгореле 92.000 хектари шума.

Во соседна Шпанија шумскиот пожар кој ја зафати источната покраина Валенсија излезе од контрола и стана еден од најголемите пожари во земјата годинава. Во петокот, додека стихијата ја пустошеше Валенсија пети ден со ред, во областа се испратени 35 авиони за огнот да биде ставен под контрола.

Шпанија годинава повеќе од која и да е друга европска земја е погодена од шумски пожари, според програмата на Европската комисија за следење на планетата „Коперникус“. Годинешните шумски пожари уништиле четири пати повеќе област отколку во текот на целата мината деценија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.