Португалскиот премиер се закани со оставка ако парламентот поддржи зголемување на платите на учителите

Португалскиот премиер Антонио Кошта се закани во петокот дека ќе поднесе оставка доколку парламентот гласа и покрај неговите предупредувања за законот со кој би им се зголемиле платите на учителите, што според него би можело негативно да се одрази на рамнотежата во буџетот.

Усвојувањето на споменатата иницијатива, во којашто се здружени партнерите на премиерот од левицата со десната опозицијата „ќе ја натера владата на оставка“, изјави Антонио Кошта на прес-конференција. Премиерот оцени дека зголемувањето на платите на учителите, може да доведе до „експлозија на јавната потрошувачка“.

Оваа мерка во четвртокот вечерта ја усвои парламентарната комисија за образование. Подоцна во четвртокот голем дека од пратениците во парламентот гласаа за зголемување на платите на учителите кои не се променети во текот на неколкуте изминати години.

Во петокот Кошта свика итна седница на владата и го предупреди претседателот на Португалија, Марсело Рабело де Соуса, дека ќе поднесе оставка доколку парламентот ја поддржи споменатата мерка.

„Под овие услови, сметам дека мојата должност е да ги известам претседателот и водството на парламентот дека изгласувањето на оваа мерка ќе ја присили владата да поднесе оставка“, рече Кошта во телевизиското обраќање.

Владата е загрижена дека зголемувањето на платите на учителите ќе доведе до тоа и другите државни службеници да го бараат истото, што, пак, ќе создаде притисок врз буџетот.

Парламентот за оваа иницијатива конечно ќе гласа на седницата закажана за 17-ти мај. Парламентарните избори во Португалија, инаку се предвидени за 6-ти октомври.