Посебен режим на сообраќај ќе биде применет денеска по повод осбележувањето на националниот празник Илинден, во рамки на предвидените манифестации со цел непречено и безбедно одвивање на закажаните настани за чествување на празникот.
Посебен режим на сообраќај во Скопје
Со почеток во 10.30 часот во централното градско подрачје во Скопје ќе се воспостави посебен режим на сообраќај. За сообраќај ќе бидат затворени дел од улиците „11 Октомври“ и „Димитрија Чуповски“ и тоа на потегот од крстосницата со булеварот „Кочо Рацин“ до крстосницата со улицата „Васил Главинов“, улицата „Филип Втори Македонски“ од крстосницата пред хотелот „Холидеј Ин“ до Градска болница и улицата „Даме Груев“, на потегот од крстосницата со улицата „Македонија“ до Собранието на Република Македонија.
Посебен режим на сообраќај во Крушево
Во Крушево, согласно мерките на СВР Битола, посебен сообраќаен режим е предвиден за 1 и 2 август. Во периодот од 18 до 24 часот ќе биде забранет сообраќајот за сите видови возила по главната сообраќајницa во градот од влезот во Крушево, местото викано Стара бензиска до крстосницата „Тагас“. Возилата можат да се движат заобиколно преку хотелот „Монтана Палас“ до Спомен-куќата на Тодор Проески и месноста викана „Гумење“. В недела ќе биде забранет сообраќајот по главната сообраќајница од 9 до 11 часот, додека во периодот од 10 до 13 часот ќе биде забранет сообраќајот од Бензиска пумпа до Мечкин Камен.
Забрана за трактори, земјоделски машини и запрежни возила
Забраната за одвивање на сообраќајот за трактори, земјоделски машини и запрежни возила ќе важи за 1 и 2 август од 00 до 24 часот на регионалниот пат Прилеп – Крушево и Демир Хисар – Крушево, а на 2 август ќе биде забранет сообраќајот за товарните моторни возила. За 1 и 2 август ќе биде забрането паркирање на патнички и тешки моторни возила по главната сообраќајница во Крушево.
Од Министерството за внатрешни работи упатија апел до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај.
Владина делегација денеска ќе присуствува на одбележувањето на двата Илиндена.