Посета на Високата делегација на НАТО во Македонија

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Сашо Стефаноски денеска е домаќин на Висока делегација од НАТО директоратот за политика и планирање, предводена од Франк Боланд и Гордон Дрејк одговорниот официр за следење и известување на напредокот на Македонија во НАТО.

Работната посета на Високата делегација на НАТО е во рамки на зацврстување на билатералната соработка помеѓу Македонија и НАТО Алијансата како и Редовната евалуација на постигнатиот напредок во развојот на системот за одбрана на Македонија и новиот пакет Партнерски цели 2014, кои нашата земја како аспирант за рамноправно членство во Алијансата ги добива на секои две години.

По тој повод, денеска, во регионалниот центар за односи со јавност во касарната „Гоце Делчев“, тимот на експерти предводен од државниот секретар, Сашо Стефаноски заедно со претставници и експерти од Армијата на Република Македонија, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Центарот за упрвување со кризи,

Дирекцијата за заштита и спасување како и одбранбените аташеа на земјите членки на НАТО акредитирани во Македонија ја информираа Високата делегација на НАТО за посветеноста на Република Македонија за континуиран и долготраен придонес во меѓународните мисии и операции, за напредокот во тековната трансформација на Армијата, за развојот на распоредливите способности, за предизвиците во опремувањето и модернизацијата на Армијата, за регионалната одбранбена соработка во рамките на регионалните форуми за соработка, за буџетот во одбраната како и за расположливите капацитети на АРМ кои можат да одговорат на НАТО потребите и стандардите.

Во дискусиите беше истакнато дека Република Македонија како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, уште еднаш ја потврдува својата политичка посветеност за продолжување на учеството во мировните мисии по 2014 година како и својата подготвеност да биде дел од пост ИСАФ мисијата во Авганистан – “Одлучна поддршка“ со сите свои национални капацитети и способности а согласно потребите и барањата на НАТО Алијансата.

Покрај ова во разговорите со Високата делегација на НАТО, беше поздравена Одлуката на Владата за усвојување на ажурираниот Долгорочен план за развој на одбраната на Македонија 2014 – 2023 со кој нашата земја останува силно посветена во планирањето и имплементирањето на одбранбените реформи.

Од страна на претставникот на НАТО тимот г-дин Дрејк, беше поздравено одржувањето и унапредувањето на интероперативноста на Република Македонија во имплементацијата на партнерските цели 2012 како и трансформацијата на Армијата и нејзината пополнетост со 90 % персонал и развојот на распоредливите капацитети и способности, ставајќи акцент на целосната професионализација на истата.

Работната продолжува и утре.