Пошта иницира регионална соработка и поголема ЕУ-поддршка за модернизација и поквалитетни услуги за граѓаните

Во рамки на Стратегијата за подобрување на услугите и модернизација на работата на АД Пошта на Македонија соопшти дека во текот на оваа недела биле остварени повеќе меѓународни средби за зајакнување на нејзината регионална и ЕУ-соработка.

– На средбата со амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ, генералниот директор Јани Макрадули посочи дека досега не биле реализирани формални заеднички активности помеѓу двете национални пошти. Тој иницираше отпочнување меѓусебна соработка со цел размена на знаења, искуства, како и реализација на заеднички проекти, кои несомнено ќе водат кон подобрување и зголемување на довербата, со цел поактивно користење на поштенските услуги во двете земји, информира Кабинетот на генерален директор на Пошта.

Како што се наведува во соопштението, меѓународниот поштенски сообраќај помеѓу Македонија и Словенија, бележи зголемување за време на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и од тие причини е неопходна поблиска соработка помеѓу националните пошти во двете земји. Тоа било заедничка констатација од средбата со амбасадорот на Словенија, Милан Предан.

– Гледаме голем потенцијал и потреба од поголемо вложување во квалитетни меѓународни поштенски услуги, бидејќи растот на бројот на пратки и писма јасно покажува колку е голема потребата на граѓаните и бизнис-заедницата во двете земји од ваква соработка. Поддршка од националната Пошта на Словенија ќе биде особено значајна и во однос на пренесување на искуствата со цел брза модернизација на технолошкиот и процесот на дигитализација на Пошта на Македонија, истакнува генералниот директор Макрадули.

На средбата со раководителот на секторот за економски прашања, владеење на правото и јавна администрација при Делегацијата на ЕК, Фрејк Јанмат, пак, биле презентирани и стратешките приоритети на Пошта за 2021 година, меѓу кои се финансиската стабилизација на компанијата, дигитализација и воведување е-трговија, спроведување на силна „зелена“, односно еко-компонента во работата на Пошта на Македонија.

На средбата Макрадули посочил дека очекува од партнерите во Делегацијата на ЕУ поддршка и во делот на реконструкција на опожарената шалтер-сала која претставува архитектонската гордост на Пошта, но и на целата држава.

-Дополнително, разговаравме за можностите за европска помош во процесот на постепено преструктуирање на Пошта во еколошка компанија, која ги имплементира сите еко-стандарди во своето работење. Исто така, разговаравме и за можностите за вклучување во други проекти и TAIEX програмата во дел на поддршка на поштенските услуги“, посочи Макрадули на средбата.

Од Пошта на Македонија информираат дека по завршувањето на овие две средби веќе се изготвени и писма на интерес за соработка кои ќе се испратат до националните пошти на Хрватска и Словенија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.