Поскапувањето на производите се прикрива со „шринкфлација“, кога за исти пари добивате помала количина

Пекарите на Балканот во време на криза печат сè помали векни леб, но помали, а за истите пари. Тоа е најдобриот опис на трендот на прикривање на поскапувањата преку намалување на количината на производите и амбалажата, но не и цената, пишува германскиот весник „Штутгартер цајтунг“.
Со комбинирање на англискиот збор „шринк“ (shrink), што значи собирање/намалување, и зборот инфлација, економистите ја смислија оваа кованица „шринкфлација“.
Ваквата практика, пишува весникот, се повеќе им предизвикува главоболки на земјите со слаб систем за заштита на потрошувачите, како што се кандидатите за членство во ЕУ од Западен Балкан.
„Штутгартер цајтунг“ пишува дека една од најпопуларните пекари во Белград се вика „Леб и кифли“, но дека треба да се вика „Како лебот станува кифла“, бидејќи „сите пекарски производи стануваат сè помали и помали“ , ја пренесува весникот изјавата на една лута жена од пред таа пекара во Белград.
„Прво има експлозија на цените. Потоа, не само лебот, туку и чоколадите, ролни тоалетна хартија, чаши јогурт или кеси чипс… видно имаат намалена количина, што потрошувачите на почетокот едвај го регистрираат. Со помали количини од своите производи, пред се, компаниите од прехранбената индустрија се обидуваат навидум да ги задржат цените и покрај инфлацијата“, пишува весникот.
Без разлика дали станува збор за чоколадо намалено на 80 грама, јогурт во шишиња од 950 грама или пакувања од 112,5 грама бисквити – трендот оди кон пакувања кои е сè потешко да се споредуваат.
„Штутгартер цајтунг“ сепак признава дека „смалувањето“ како тренд не е ограничено само на Балканот, туку дека на ваквата практика се жалат и потрошувачите во Германија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.