Поскапуваат визите за краток престој во ЕУ за 20 евра

Од вчера стапија на сила новите правила за визите за краток престој во земјите на Европската Унија, тие ќе чинат 80 евра наместо 60, но процедурите ќе бидат малку поедноставни.

Од сега патниците ќе можат да поднесуваат барање за виза за краток престој (под 90 дена) шест месеци пред планираниот пат, наместо три месеци како што беше до сега, соопшти Европската Комисија.

Европската Унија ќе го олесни и добивањето визи за повеќе влезови како и подолго времетраење на овие визи за чести патници.

Визите сепак ќе поскапат за дваесет евра, па така наместо 60 евра ќе чинат 80 евра од сега. Европската Комисија ова поскапување го правда со фактот дека се потребни поголеми ресурси за администрацијата посебно за борбата против „нерегуларна миграција“ и подобро детектирање на потенцијални безбедносни ризици.

Ова е прво поскапување од 2006-та година. Правилата важат за 22 земји членки на ЕУ кои се дел од Шенген зоната.

Новите правила ќе им овозможат на земјите на ЕУ да ги прилагодат процедурите зависно од тоа колку третата земја соработува со ЕУ во делот на реадмисија и враќање на своите граѓани.