Последен ден од буџетската расправа во Собранието

Собрание денеска треба да ја заврши расправата за Дополнетиот предлог буџет за 2014 година, што почна во понеделникот.

По завршување на расправата, за која се предвидени пет дена, пратениците  треба да се изјаснат и за Предлог законот за извршување на Буџетот за 2014 година, по скратена постапка, што е на дневен ред на 74 седница.

Во тек на десетдневниот рок за амандманска расправа за буџетот, собраниската Комисија за финансирање и буџет разгледа 291 амандман од вкупно поднесените 684, а прифати пет.

Државната каса за следната година  ќе изнесува 176,5 милијарда денари. Приходите се планирани на 158 милијарди и 243 милиони, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти и ќе се финансира од домашни и од странски извори. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а инфлацијата од 3,3 проценти. Нивото на буџетскиот дефицит, според проекците, ќе изнесува 3,5 проценти.

Преостанати точки од дневниот ред на 74 седница се и барањата за давање автентично толкување на член 20 став 3 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, поднесено од градоначалникот на Општина Штип и на  членовите 13 и 14 од Законот за радиодифузната дејност, поднесен од Борче Ставров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.