Последен ден сведочења во рамки на процедурата за отповикување на Трамп

На петтиот и последен ден сведочења во рамки на процедурата за отповикување на американскиот претседателот Доналд Трамп, синоќа сведочеа Фиона Хил, поранешниот советник за Русија во Белата куќа и Дејвид Холмс, аташе за надворешна политика во амбасадата на САД во Киев.

И двајцата потврдија дека барањето на американскиот претседател странска земја да спроведе истрага за негов политички ривал е „многу лош преседан“.

Како што е веќе извесно, Трамп го ставил пред избор својот украински колега Владимир Зеленски кога побара од него да спроведе истрага за политички ривал и да објави јавно за тоа, а во замена да добие воена помош од околу 400 милиони долари и прием во Белата куќа.

Хил изјави дека Гордон Сондленд, амбасадор на САД во ЕУ кој сведочеше в средата, искажал неискреност кога изјавил дека биле потребни неколку месеци за да виде релација меѓу „Бурисма“ и поранешниот потпретседател Џо Бајден.

„Бурисма“ е украинска енергетска компанија за која Трамп од Зеленски побара да биде претресена од властите на Украина поради наводна корупција. Во компанијата одредено време работел Хантер Бајден, син на поранешниот потпретседател кој е политички ривал на Трамп.

– Не ми се верува дека тој не обраќал внимание на тоа, изјави таа.

Според неа, спроведување надворешна политика во сенка е „домашна политичка заблуда што се коси со спроведување на националната безбедност“.

Холмс пак го повтори неговиот исказ даден минатата недела зад затворени врати во својство на сведок на телефонски разговор меѓу Сондленд и Трамп.

– Бевме четворица. Слушнав кога тој го поздрави претседателот и објасни дека се јавува од Киев. Слушнав дека претседателот Трамп тогаш праша дали амбасадорот Сондленд е во Украина. Амбасадорот потврди дека е во Украина и продолжи со изјава дека ’претседателот Зеленски го сака вашиот задник’. Тогаш го слушнав претседателот Трамп како прашува: Значи, тој ќе поведе истрагата?

Амбасадорот Сондленд одговори потврдно, додавајќи дека претседателот Зеленски ќе стори „сè што ќе побарате од него“.

Хил исто така укажа дека Џон Болтон, поранешен советник за национална безбедност на Трамп го нарекол Руди Џулијани, личниот адвокат на претседателот, „граната која ќе не разнесе сите“.

– Болтон ме замоли да им кажам на правниците во Советот за национална безбедност дека тој не е дел од трговијата што ја приготвија Молвејни и Сондленд.

Мик Молвејни е вршител на должноста раководител на претседателската администрацијата.
Хил исто така ги осуди републиканците кои се ослонуваат на теории на заговор со тоа што повикуваат дека Украина се вмешала во изборите во САД.

– Тоа е измислен наратив на руските безбедносни служби, изјави Холмс.

Таа додаде дека целта е да се направи раскол помеѓу САД и нашиот сојузник Украина.

Лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, синоќа повика судиите да бидат брзи во одлуките по делата поврзани со барањата до некои сведоци, како Џулијани, или Молвејни, за нивен распит во Конгресот.

Сведочењето на Сондленд претходно пак, откри експлозивни сознанија за односите на Вашингтон со Киев и напорите на поединци од администрацијата да извршат притисок врз Украина за политички истраги подобни за Трамп.

Сондлед потврди дека сите клучни лица во администрацијата, од државниот секретар Мајк Помпео до потпретседателот Мајк Пенс, и Молвејни, биле запознаени со тоа.

Демократите во Претставничкиот дом засилено работат на тоа да се претресат сите изнесени докази и материјали добиени од клучните сослушувања оваа и минатата недела. Во периодот што следува со очекува Одборот за правосудство да донесе одлука за гласање на импичмент на претседателот, предвидено да се одржи најдоцна пред католичките божиќни празници.

– Сведоците премногу се потпираат на своите претпоставки и не даваат правилна слика за настојувањата и политиките на претседателот Трамп, реагираа синоќа од Белата куќа на искажаното на распитите неделава.