Последен ден за пријавување на хакатонот за намалување на сивата економија во е-трговија

Заклучно со 23:59 часот денеска може да се доставуваат пријави на првиот 48 часовен хакатон за намалување на сивата економија во е-трговија насловен „Хакирај ја сивата економија во е-трговија” што ќе се одржи онлајн, од петок,14 мај до недела, 16 мај. Сите заинтересирани студенти од Економски факултет – Скопје и ФИНКИ може да се пријавуваат индивидуално или во тим. преку веб страницата: https://hackathon.ecommerce.mk/

Хакатонот го организира Асоцијацијата зе е-трговија на Македонија (АЕТМ), а предизвикот  е „Како да се намали сивата економија во е-трговија?“. Поделен е на две категории: „Едуцирај и мотивирај“ поддржан од НЛБ Банка Скопје и „Детектирај и сузбиј“ поддржан од Касис АД Скопје.

Хакатонот се организира во соработка со Економскиот Факултет – Скопје, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ и Студентски парламент ФИНКИ и е наменет за студентите токму од овие два факултети, кои со заеднички интердисциплинарни знаења ќе развиваат концепти за дигитални решенија за борба против сивата економија во е-трговија. Победничките решенија, ќе бидат наградени со награден фонд од 3000 евра, кои ќе им послужат за успешна имплементација на победничките предлог решенија.

-Поттикнати од фактот дека една од главните бариери за раст која ја посочуваат е-трговиците е токму нелојалната конкуренција која се создава преку сивата економија, од една страна, како и ниското ниво на свест и даночен морал од друга страна, во Програмата за работа за 2021 година на Асоцијацијата ставивме фокус токму на сивата економија во е-трговија. Преку овој настан, кој е од особено големо значење, горди сме што заедно со студентите од Економски факултет – Скопје и ФИНКИ,  ќе придонесеме за решавање на реален проблем и навистина многу значаен за регистрираните е-трговци. Преку хакатонот и процесот на работа во тимови, студентите не само што ќе придонесат во решавање на општествен проблем, туку и ќе добијат уникатен увид во врска со пазарот за е-трговија и ќе запознаат неверојатни соработници, ментори и потенцијални работодавци, велат од АЕТМ.

За студентите, укажуваат, овој хакатон претставува шанса не само да креираат решенија за намалување на сивата економија, туку и заеднички да соработуваат со бројни ментори кои доаѓаат од домашни компании и државни институции, да работат на реален општествен проблем и да поттикнат претприемачко размислување.