Последиците од рекордната сезона на туризмот на Балканот!

Знам дека насловот ве збунува мои читатели, но ова и јас кога го прочитав не само што ме збуни, туку си реков ова мора да е некоја шега. Кога убаво ги анализирав текстовите и бројките на одредени држави во нашето опкружување, останав не само запрепастен, туку и се уверив дека насловот е реален, со исклучок на туризмот во Македонија и други две држави. Ќе дојдеме до тоа во текот на колумната.

Повод за оваа моја колумна се и најновите статистички податоци за туризмот во државата, како и изјавата на министерот за економија дека туризмот бележи пораст од дури, замислете 56,6 проценти, споредено со МИНАТАТА 2020 ГОДИНА. Не ми е јасно што се споредува со минатата година нешто што не ни постоеше воопшто, дури и небулозно и смешно е и сето тоа демек мерките на владата вложиле плод за тоа. За кои мерки зборувате не ми е јасно?! Освен за ваучерите за домашниот туризам. Ајде и да го броиме тоа, заклучокот е дека туризмот е уште во дебел негативен тренд споредбено со 2019 и сите останати изминати години, споредбено и со статистиките на сите држави на Балканот, а мерките на владата се истите оние кои претходната влада ги беше донела, ништо ново нема.

Но по ред, прво статистиката кај нас вели дека оваа година заклучно со месец јули бројот на туристите е зголемен за 56.6 %, и тоа, кај домашните туристи има зголемување за 56.6 %, а кај странските исто така зголемувањето е за 56.6 %. Бројот на ноќевањата е зголемен за 46.4 %, и тоа кај, домашните туристи има зголемување за 36.4 %, а кај странските зголемувањето е за 79.0 %. И многу ме радува посебно што бројот на странските туристи навистина е зголемен. Е сега ако отидеме детално во анализите на тоа од каде е зголемен бројот на странските туристи, тс од кои држави најмногу е посетена Македонија како туристичка дестинација, доаѓаме до заклучок дека српските посетители се на прво место (до лани беа турските, сега се паднати на 6 место), потоа полските, холандските, потоа соседите Бугарија, Грција, Албанија, Косова, и изненадува фактот дека ова година имаме одлична посета од романските и украинските гости (еве и една препорака на владата да работи малку повеќе на овие пазари и посебно на рускиот пазар, зашто се отворија две линија до Москва и Сант Петерсбург, двата најголеми градови на Руската федерација, ако се осмелат и сакаат нормално).

Оние што работат во туризмот, знаат дека ова се секогаш нашите традиционални пазари посебно соседството, како и пазарите на Холандија, Полска, Израел кои ги отвори претходната влада со мерките за привлекување на странските туристи. За разлика од нив, оваа влада не отвори ниеден пазар, ама буквално ниту еден за овие 5 години, ниту донесе некоја нова мерка за привлекување на странските туристи, па и за домашните (кои мораа од здравствени причини да останат во државата), нема ниедна единствена инвестиција во угостителството или хотелиерството, или ако сте слушнале за некоја еве поправете ме искрено. Дури слушам дека повторно ќе се субвенционира Виз Аир и се спрема програмата за субвенционирање, што беше толку критикувана пред доаѓањето на власт.

И уште нешто ние секогаш во секоја област или индустриска гранка, се фалиме само она што е зголемено статистички, а тоа е или многу малку или ирелевантно, а она што е минус го криеме под тепих или се правиме неми и глуви. Затоа ќе видиме до крајот на годината колкав е порастот на девизниот прилив од туризмот во државата и учеството на туризмот во креирањето на ГДПто на државата. Толку за кај нас, нема ништо, нула, нотхинг, зеро, нада итн.

А, кај е Балканот? Врзете се добро полетуваме, ќе се изненадите каде се они, а каде сме ние мои драги читатели. Хрватска, Црна Гора и посебно Албанија оваа година имаат најголемо зголемување во туризмот, не споредбено со минатата година туку во последните 10 години.

Оваа година заклучно со месец август (они веќе бројат за август ние едвај вчера добивме известување за јули месец!!! чудоо) Хрватска ја посетиле 4.3 милиони посетители, а биле остварени 30.7 милиони ноќевања. Според министерката за туризам Николина Брнјач, приходите од туризмот се за 10 % поголеми споредбено со 2019 година не со 2020, туку со 2019!!! Туризмот во ГДПто на Хрватска учествува со 16,4 %. Црна гора до август ја посетиле 1.120.000 странски туристи, што е за 5 проценти зголемено со рекордната 2019 година за нив. Учеството на туризмот во ГДПто е 20 %. Албанија, верувајте ќе останете без зборови, Албанија доживува ренесанса во туризмот, секојдневно се добиваат нови инвестиции, вложуваат во нови модерни патишта. Оваа година најголеми посетители им беа Србите, да да тоа што до вчера не можеше да се замисли, Македонците и Косовците. Според Министерството за туризам и животна средина, учеството на туризмот во ГДПто е 25 %, а туризмот креира 260.000 вработувања или 23% од севкупното вработување во Албанија.

Останатите три држави Македонија, Косово и Србија, кои не можат да се конкурентни колку овие три држави од јадранското крајбрежје, како и во однос на приходите од туризмот (овдека ќе ја исклучам Србија), Косово и Македонија единствените придобивки ги имаат од својата дијаспора. За жал ниту ние, ниту Косово не ги броиме придобивките од овие така наречени „наши туристи“. Верувајте огромни се. Не знам за кај нас (ние и за тоа не водиме евиденција) ама Косово според премиерот Албин Курти, дијаспората контрибуира околу 20% во косовското ГДП.

Замислете ги само придобивките од туризмот во овие држави? А сега запрашајте се зошто имаат ваков туризам во ек на пандемија! Одговорот е јасен. Да морето е првата причина, но во услови на пандемија беа однапред спремни со безбедност, вакцинација, бесплатни тестови, државата гарантираше за сигуреноста и она најважното цела Германија, Австрија, Чешка и останатите отидоа кај нив зашто Шпанија, Португалија и Италија беа со високи бројки на заразеност и воведоа рестриктивни мерки на влез (сами себе си пукаа во глава, да немаат приходи по основ на туризмот кој им е важна алка во креирањето на ГДП-то).

Што добивме ние од нашиот туризам оваа година? За жал не знаевме ништо да копираме од нашите соседи, ниту бевме спремни за прием на гости иако бројките кај нас беа помали и од соседите во месеците мај, јуни и јули. Освен наводно зголемени бројки на туристи и ноќевања и тоа споредбено со 2020 година, учеството на туризмот во ГДПто до 2019 беше 5,6 %, сега едвај е 2%, ако и тоа го знаат да го бројат нели, добивме и најголеми бројки на новозаразени, па ги обвинувавме дијаспората за тоа дека е најзаслужна, секојдневно 30 нови починати, тргнати од листата на безбедни држави во светот и повторно оставени сами на себе да се снаоѓаме во водите на туристичките движења во светот и регионот и спасувањата од ковид кризата, а нови сет мерки нема повеќе за туризмот и угостителството, јасно кажа владата.
А, замислете не бараме многу, само малку, затоа толку и добиваме, само малку.

Автор: Зоран Николовски, туризмолог, специјалист во туристички развој, и магистер по маркетинг и брендирање, за НетПрес