Последни обиди да се сокрие криминалот на СЈО и државниот врв

Со навидум решителност за да се обезбеди материјал за евентуална финансиска злоупотреба во СЈО, власта ослободува простор за ставање под контрола на штетата, со што се пушта низ вода цело СЈО, а сѐ во обид да се добие битката на претстојните парламентарни избори.

Дали Зоран Заев е решен да го пушти низ вода СЈО, со обелоденување на скандалозните суми со кои се расфрлале обвинителите и нивните соработници, и брзата реакција на обвинителката Вилма Русковска за финансиската истага во институцијата што ја раководеше Катица Јанева?

Некако брзо се менуваат сцените откако обвинетата во случајот „Рекет“, Катица Јанева неочекувано од истражниот затвор во Шуто Оризари, замина во куќен притвор. Набргу, тајните и „класифицирани“ информации за тоа како се трошел милионскиот буџет на СЈО, платите и вртоглавите надоместоци за „доверливост“ испливаа на површина и тоа преку државниот портал на Министерството за финансии, „Отворени финансии“.

А откако јавноста се згрози од тоа како се трошеле народните пари, за кои државниот врв секако знаел, обвинителката Русковска, со финансиски истражители влезе во СЈО. Се проверуваше финансиски криминал во СЈО во кој сосема е сигурно дека не е вклучена само Катица Јанева, туку и нејзини колеги и колешки.

Граѓаните станаа веќе имуни на очигледно задоцнетите реакции кога е во прашање Обвинителството и Јанева, бидејќи сѐ уште се свежи сеќавањата за допуштеното време специјалната обвинителка да компромитира докази за истрагата во која веќе двајца беа притворени. Во тој период се случија и бришење на компјутери во СЈО, „губење“ и бришење на телефони кои беа материјален доказ во постапката…

Упатените од друга страна, постојано потенцираа дека таков финансиски скандал не може да се одвива без знаење на високиот владин врв, додека премиерот ја отфрлаше вината, со ставот дека токму тој прв ѝ го пријавил случајот на Русковска, а со тоа треба да се отфрли секаква вина која евентуално би паднала и на негов грб.

Но, притисокот на јавнста и меѓународниот фактор ја сменија насоката на делување, па сега во обид комплетно да се обезбедат и сокријат доказите кои укажуваат на коруптивно работење и вмешаност на партиски функционери, Русковска го прави последниот „удар“ во просториите на СЈО. Со навидум решителност за да се обезбеди материјал за евентуална финансиска злоупотреба во СЈО, власта ослободува простор за ставање под контрола на штетата, со што се пушта низ вода цело СЈО, а сѐ во обид да се добие битката на претстојните парламентарни избори.

При упадот на Русковска со свои истражители во СЈО, „Вечер“ објави дека при самиот попис на документите е најдено криминал во финансиските книги на СЈО. А, парите кои Катица Јанева ги делела со своите обвинители, роднини и пријатели, го надминуваат буџетот на СЈО. Ова би значело дека вишокот пари кои се делени делумно се и од непознато потекло.

„Први претпоставки се дека тие пари се од дипломатски извори и, или, од владини и партиски извори за да се делат помеѓу обвинителите и истражителите кои одработувале за интерес на извршната власт и партиите кои ја сочинуваат. Од тие мистериозни пари плаќани се и новинари, роднини на судии, роднини на директори на затвори и на партиски функционери од сегашната власт. Сосема е извесно дека може да се очекуваат нови истраги за некои од обвинителите во СЈО кои знаеле за приходите на СЈО и, исто така, по службена должност знаеле дека не може да примаат по сто илјади евра екстра приходи годишно без оглед што се труделе тоа да го маскираат со правни образложенија“, објави порталот Вечер.

Сѐ повеќе стануваат реални сомнежите дека владата на чело со Зоран Заев, на крај сепак ќе го пушти низ вода цел концепт на СЈО, а не само Катица Јанева.