Последниот челник на ДДР бара отворање на досиејата на Западна Германија

Шпионите во поранешната Источна Германија се познати по тоа што во текот на блоковската Студена војна собирале податоци и за своите државјани како и за оние од Западна Германија, меѓутоа последниот премиер на социјалистичката држава сега сака да се дознае во јавноста и што тогаш бележале разузнавачите од другата страна на Железната завеса.

Ханс Модров, денес 90-годишник, во средата му се обрати на највисокиот германски управен суд тврдејќи дека како историчар и писател мора да има можност за увид во тоа што знаеле западните шпиони за да може да пишува за тој период.

„Како може да пишувам за тоа, доколку западните досиеја за мена остануваат запечатени?“, ги запраша судиите Модров. Тој, инаку, веќе пет години војува да ги види документите на западните разузнавачи собирани за него.

Модров долги години беше лидер на Партијата на социјалистичкото единство на Демократска Република Германија, а во ноември 1989 година дојде на чело на оваа држава во периодот кога земјата беше во безредија и се подготвуваше за обединување со Сојузна Република Германија. Функцијата ја напушти во април 1990 година.

Федералната разузнавачка заедница, шпионската агенција на тогашната Западна Германија, којашто делува и денес во обединета Германија, призна дека чува документи за Модров од периодот од 1958 до 1990 година, но му покажале само дел од нив, тврдејќи дека мора да ги штитат своите извори.

Германскиот закон им дозволува на поединци да ги прегледуваат своите досиеја, доколку се повозрасни од 60 години и доколку нивното откривање не ја загрозува државната безбедност.

Разузнавачки документи на Источна Германија објавени се целосно откако таа држава престана да постои, но според официјалните извори тајните агенти во нејзините последни денови наводно уништиле повеќето од документите, загрижени дека оние коишто ги шпионирале ќе бараат одмазда. Работни групи и натаму се обидуваат да состават искинати документи, а интересот за читањето на тие досиеја е многу голем.

Откако источногерманските разузнавачки податоци се објавени, Модров смета дека тоа треба да биде направен и со досиејата коишто биле правени во Западна Германија, но германските разузнавачки институции се бранат дека тие документи се заштитени со постојниот закон.