Постарите Швеѓани може да ја прекинат изолацијата и покрај растот на коронаинфекциите

Повозрасните Швеѓани ќе може да ја прекинат изолацијата, објави владата во Стокхолм во четвртокот, укажувајќи на пониските стапки на зараза со новиот коронавирус отколку пролетва и сѐ поголемата потреба да се земе предвид и менталното здравје на постарите лица.

Многу земји ширум Европа повторно воведуваат ограничувања за да се справат со растот на случаите на нови зарази со коронавирусот, но шведската здравствена организација тврди дека нема знаци за вториот бран на коронавирусот во Шведска.

Шведска има поинаков пристап од повеќето европски земји во борбата против пандемијата на коронавирусот. Во првиот бран се потпираше на промовирањето на физичкото растојание, но ги изолираше домовите за старите лица поради висока смртност меѓу нив.

Бројот на новите случаи во оваа скандинавска земја континуирано расте изминатите седмици, но е на најниско ниво во однос на бројот на населението отколку во другите европски земји во кои секојдневно се поставуваат нови рекорди.

„Агенцијата за јавно здравство донесе одлука дека постарите и оние од особено ризичните групи ќе бидат под исти препораки како и другото население“, изјави министерката за здравство Лена Халенгрен.

Во Шведска вкупно има 107.000 заразени и 5.900 починати. Бројот на смртните исходи во Шведска е повеќекратно поголем од кај нејзините скандинавски соседи, но е понизок отколку во земјите коишто воведоа построги мерки како што се Шпанија, Франција и Италија.

Досега на лицата повозрасни од 70 години во Шведска им се препорачуваше да избегнуваат физички контакт и јавен сообраќај, како и да ги избегнуваат продавниците и другите јавни простори на кои има масовни собири. Здравствените власти велат дека овие мерки ја намалиле стапката на заразата, но негативно влијаеле на благосостојбата на многу стари лица.

Агенцијата вели дека со пониските стапки на заразата, со поголемото знаење за болеста и со помалку оптоварениот здравствен систем од претходно пролетва, постарите би требало да ги следат препораките кои се однесуваат на сите Швеѓани. Тоа вклучува избегнување на големи собири, останување дома при појава на првите знаци на болеста и одржување на физичкото растојание.

Министерката Халенгрен предупреди дека тоа не значи враќање во нормалата.

„Секојдневниот живот не може да биде онаков каков што беше пред пандемијата. Но постојат многу начини за живот кои не се само преживување“, рече министерката.