Постигнат договор за делови од Законот за медиуми

Законите за медиуми и за аудио-визуелни медиумски услуги кои се во собраниска процедура да се донесат веднаш, а за забелешките за кои сме усогласени амандмански Владата по предлог на Министерството за информатичко општество и администрација да интервенира во што е можно пократок период.

Ова денеска го истакна ресорниот министер Иво Ивановски на заедничка прес-конференција со претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, откако вчера бил постигнат договор за дел од забелешките кои се прифатливи од двете страни, дел од забелешките за кои ќе треба да продолжат да разговараат и да се вклучат и останатите засегнати страни.

„Се согласивме дека интернет порталите не треба да бидат дел од оваа легислатива. Тоа значи дека електронските публикации ќе се бришат од Законот. Се согласивме и за член 48 кој се однесува на посебните забрани во Законот за аудио-визуелни медиумски услуги во кој ќе се додаде и нов став во кој се вели дека секое ограничување на содржините во медиумите треба да биде во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права“, рече Ивановски.

Посочи дека се согласни за застапеноста на новинарите во Советот на идната Агенција за медиуми и се договориле да се направи поширока работна група каде ќе се разговара во наредните шест месеци за функционирање на јавниот радио-дифузен сервис односно МРТВ каде ќе може да се дадат предлози за негово подобрување и транспарентност и содржините кои ги нуди.

„Во однос на останатите делови од двата закони согласноста останува дека за печатените медиуми само неколку одредби ќе важат и тоа за импресум, за заштита на малолетни лица од порнографски содржини, за јавност при работењето…Сите останати одредби кои се однесуваат на печатените медиуми, а Агенцијата за медиуми имаше супервизија ќе се избришат амандмански“, потенцира Ивановски.

Тој ја поздрави завчерашната одлука кога се формирало саморегулационо тело на медиумите во Република Македонија.

„Тоа е нешто на кое ние како Влада подолго време инсистиравме и ги поддржувам сите кои се внатре и ги повикувам останатите медиуми дали било тоа печатени, електронски публикации или радиодифузери кои не се дел оид саморегулацијата да се приклучат бидејќи тоа кажува за развојот и свеста на медиумите во Република Македонија“, додаде Ивановски.

Селмани истакна дека се договориле за три прашања, а не се договориле за голем број прашања, кои тие сметаат дека се битни.

„Добро е што интернет порталите се тргнаа од Законот бидејќи веруваме дека тој простор треба да биде слободен кој можеби е единствен простор во медиумскиот етер каде се уште има плурализам на идеи и ставови. Од тој аспект тоа е многу позитивна одлука на Владата и сакаме да ја поздравиме. Се согласивме дека Владата не треба да се меша во начинот како новинарите се организираат, а тоа значи дека ЗНМ ќе предложи член во Агенцијата за медиуми“, рече Селмани.

Укажа дека се согласиле околу посебните ограничувања, додале уште еден став на тој член каде велиме дека секое ограничување на содржините во медиумите треба да биде во согласност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

„За сите останати прашања тргнувајќи од владините реклами, финансирањето на домашното производство, на играна и документарна програма, казните, дефиницијата новинар, поставеноста на Агенцијата, состојбата со МРТВ, остануваат разликите. Владата има право да ги донесе тие закони, но ние не сносиме никаква одговорност за последиците од усвојувањето или од немањето решение за овој дел од прашањата кои сметаме дека се многу битни“, истакна Селмани.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот Ивановски рече дека претставниците кои ќе бидат во Агенцијата ќе бидат на транспарентен начин избрани, не е дефинирано кое здружение ќе биде, но дефиницијата ќе биде во тоа што претставникот треба да биде од репрезентативно здржение кое ги претставува интересите на сите новинари во Република Македонија.