Постигнат принципиелен договор за отворање железничка линија Приштина – Белград

42

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Германија и специјален пратеник на претседателот Доналд Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија Ричард Гренел, кој престојува во Белград по вчерашната посета на Приштина, вели дека, по иницијатива за авиолинија меѓу Приштина и Белград, двете земји постигнале принципелна согласност и за отворање на железничка линија меѓу двата главни градови, јави приштински „Коха диторе“.

Според весникот, како што јави дописникот на МИА од Приштина, на средба со помала група новинари по состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ, Гренел информирал дека засега станува збор за начелен договор, додека деталите, на експертско ниво, ќе се разработуваат од идниот понеделник во Берлин.

Американскиот дипломат изјави дека согласноста на косовската страна ја добил за време на средбите со државните челници во Приштина, но веста не ја објавил без да добие согласност и од српската страна во Белград.

Гренел изјави дека, по постигнувањето на договорот за авионската линија, ова е „уште еден мошне значаен позитивен чекор“ за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Тој очекува заживување на договорите во што поскоро време, но одби да спомнува рокови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.