Постигната согласност со синдикатите за повеќе одредби од предлог-законите за администрација и за вработени во јавен сектор

72

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски ги презентираа заклучоците од последниот работен состанок со синдикатите од јавниот сектор, посветен на Предлог-законот за вработени во јавниот сектор и Предлог- законот за административни службеници.

„Двата закона претставуваат своевиден чадор на материјалните закони што ги опфаќаат сите институции, а во себе ги содржат правилата како вработените да се насочат во својата секојдневна работа.„- рече министерот Ивановски.

Како што напомена тој, со синдикатите разговарано е за повеќе поглавја од предлог-законските решенија, при што постигната е согласност за многу предлози и забелешки.

„Со новите закони нема да има урамнување на платите на вработените во администрацијата и во јавниот сектор, за што во последно време имаше многу шпекулации. Ќе се формира Каталог на работни места кој јасно ќе ги стандардизира истите и во јавниот сектор и во администрацијата и тој ќе претставува основа за креирање на сите работни места,“додаде Ивановски.

Синдикатите ги поздравија реформските активности кои се во насока на дополнителна професионализација на јавната администрација, преку воспоставување на правила за управување со човечките ресурси на начинот на кој тоа го прават најмодерните светски администрации. Претседателот на ССМ, Живко Митревски, истакна дека една од најголемите придобивки од разговорите со претставници од министерството е постигнувањето на согласноста за статусот на вработените, кој ќе биде решен и со колективни договори, покрај материјалните закони.

„Се до донесувањето за законите ќе имаме дополнителни средби за разговори и нови предлози за подобрување на нивната содржина, што значи дека процесот е отворен се до усвојувањето во законодавниот дом„- рече Митревски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.