Постојат сознанија дека Мијалков влегол на територијата на Србија

Додека највисоките претставници на власта тврдат дека поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков постојано бил во земјата, иако два дена беше недостапен за органите на прогонот и беа распитувани лица од неговото најтесно опкружување, од опозицијата посочуваат дека тој ја напуштил Македонија, па по договор со претставници на Владата се вратил назад.

Како што вели во изјава за Фокус потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, постојат сознанија и информации дека Мијалков влегол на територија на соседна Србија.

„Има сериозни сознанија и информации дека Мијалков откако исчезна ја напуштил земјата, односно ја минал северната граница и влегол на територија на Србија, за потоа, по преговори и договор со власта, да се врати. Доколку не е така, зошто никој досега не излезе јавно да соопшти каде точно бил Мијалков додека го немаше? Во кој објект бил сместен и дали е извршен претрес за да се пронајдат траги?“, вели Николоски.

Инаку, дека поранешниот директор на сега расформираната Управа за безебедност и контраразузнавање (УБК) е недостапен за правосудните и органите на редот, беше објавено во неделата попладнето, кога полицијата требаше да му го врачи решението со кое судот, по барање на обвинителството, му определува домашен притвор до изрекувањето на првостепената пресуда во „Таргет-Тврдина“.

Додека Мијалков беше недостапен за органите на прогонот по него беше распишана и национална и меѓународна потереница, но откако во вторникот рано попладнето неочекувано тој се појави во обвинителството, премеирот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи  Оливер Спасовски и шефицата на обвинителството за оргнизиране криминал Вилма Русковска тврдеа дека немало индиции оти Мијалков ја напуштил државата.