Постои материјал за изборни нерегуларности кој треба да биде расветлен

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев смета дека се работи за сериозен случај за изборни нерегуларности во однос на објавените сознанија во италијанскиот „Ла верита“ за изборните нерегуларности во 2014 година во Струмица.

На денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали за изборните нерегуларности во Турското маало во Струмица по објавувањето во „Ла верита“ има некакво барање до МВР за дополнително испитување на случајот, Чулев информира дека МВР ги има достaвено сите материјали, вклучително и материјалите од ПИМ и спроведените истражни дејствија на терен до ОЈО.

Нагласува дека по последните сознанија објавени во италијанскиот медиум, сѐ уште МВР нема добиено какво било барање од страна на Основното Јавно обвинителство.

– Според мене тука постои многу материјал што заслужува истрага со цел да се расветли овој случај. МВР стои на располагање на ОЈО за преземање какви било истражни дејствија, рече министерот Чулев и додаде дека смета оти е неопходно ОЈО  после овие последни сознанија да се обрати до МВР.