Потенцијално опасен астероид лета кон Земјата

Потенцијално опасниот астероид 163348 (2002 NN4), чиј пречник се проценува на 250 до 570 метри, во сабота ќе се приближи кон Земјата, соопшто американската агенција за вселенски истражувања NASA на еден од своите веб-сајтови.

На минимално растојание до нашата планета астероидот ќе пролета на 6-ти јуни во 5,20 часот по македонско време. Овојпат, како што предвидуваат научниците, нема опасност тој да се судри со Земјата, бидејќи ќе мине на растојание 13 пати поголемо отколку што е оддалечена орбитата на Месечината.

Истовремено астероидот се смета за потенцијална закана за планетата, бидејќи неговата траекторија ја сече орбитата на Земјата. Астероидот откриен во 2002 година, е еден од десетте најголеми коишто годинава ќе прелетаат во близина на нашата планета, а околу Сонцето кружи за околу 300 земјени деноноќија.