Потенцијални кинески инвестиции во енергетските проекти

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Кина во Македонија, Зеншун Вен.

Соговорниците со задоволство ги поздравија билатералните односи помеѓу двете земји, повеќегодишното пријателство одбележано со динамична успешна соработка, потенцирајќи ја трговската размена со НР Кина.

Народна Република Кина е значаен трговски партнер која во последните неколку години постојано се наоѓа на листата на 20-те земји со кои Република Македонија остварува најголем обем на трговска размена, а во 2013 година е на 8 место со 4,4% учество во вкупната трговска размена на нашата земја.

За време на средбата, се дискутираше за големите инфраструктурни проекти, кои се во фаза на реализација, односно проектите за изградбата на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, каде се ангажирани кинески компании. Воедно се разговараше и за потенцијалните инвестиции во енергетските проекти.

Двете страни изразија желби за понатамошен поттик за промоција на инвестициите, економската соработка помеѓу двете земји и зголемување на трговската размена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.