Потона туристички брод во Јапонија – загинаа 10 лица, 16 се исчезнати

Најмалку 10 луѓе загинаа откако туристички брод потона во студените води во близина на североисточниот дел на Јапонија, соопшти крајбрежната стража.

Продолжува потрагата по уште 16 други лица кои се водат како исчезнати.

„Ја потврдивме смртта на сите 10 лица“, кои досега се извлечени, изјави портпаролот на крајбрежната стража за АФП.

Во соопштението, крајбрежната стража додава дека досега пронајдените се идентификувани како седум мажи и три жени.

Бродот за разгледување на знаменитостите „Казу 1“ испратил сигнал за помош во саботата попладне, откако бил повлечен во водата во оддалечениот североисточен дел на јапонскиот регион Хокаидо.

Операцијата за пребарување и спасување започнала веднаш, но надежите набрзо почнале да бледнеат за можен спас на 26-те лица во бродот, меѓу кои и две деца и двајца членови на екипажот, поради ниските температури во регионот.

Бродот тргнал во саботата наутро на крстарење на полуостровот Ширетоко, кој е дел од светското наследство на УНЕСКО поради неговата недопрена природа и разновидниот див свет.

Крстарењето продолжило и покрај силните ветрови и бранови кои, наводно, поттикнале дури и некои локални рибарски чамци да се вратат на брегот поради лошото време.

Бродот упатил повик за помош околу 13:15 часот во саботата, при што хеликоптери на крајбрежната стража и бродови пристигнале во областа неколку часа подоцна.

Но, до вечерта, температурата на воздухот се спуштила на околу нула Целзиусови степени, а немало траги ниту од чамецот, ниту од оние што се на него, иако потрагата продолжила во текот на ноќта со инфрацрвена и термална опрема.

Некои тела биле пронајдени во водата, додека други покрај нерамниот брег.

Полуостровот Ширетоко е прогласен за светско наследство на УНЕСКО во 2005 година. Познат е по својот уникатен див свет, вклучувајќи го загрозениот морски лав Стелер, како и птиците преселници и кафеавите мечки.

Патувањата со брод во областа се популарни за посетителите кои се надеваат дека ќе забележат китови, птици и други диви животни, како и ледници во зима.

Јапонските граници остануваат затворени за туристи поради правилата „Ковид-19“, така што разгледувањето на земјата е ограничено на жителите и јапонските граѓани.