Потпишан договор со ЕУ за соработка во спречување илегална миграција

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска во Брисел потпиша Договор за статус меѓу ЕУ и РМ за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Македонија. Со овој Договор земјава го зајакнува својот партнерски однос со ЕУ, обезбедувајќи Агенцијата и Македонија како рамноправни партнери да превземаат заеднички акции насочени кон спречување на илегалната миграција и прекуграничниот криминал.

Овој Договор е израз на нашата заедничка посветеност за дефинирање на одржливи, трајни решенија во справување со илегалната миграција и прекуграничниот криминал. Нашата досегашна соработка покажа дека кога работиме заедно можеме успешно заеднички да ги решиме предизвиците. Во тој контекст, овој Договор ја отвара вратата за поинтензивна соработка заснована на доверба и меѓусебно почитување, рече Спасовски.

Европскиот комесар за миграции, внатрешни работи и граѓанство, Димитрис Аврамопулос, пак, од своја страна честитајќи и на нашата земја за овој важен исчекор во поконкретната оперативна соработка меѓу ЕУ и Македонија, потенцираше дека денешниот договор ќе овозможи целосно искористување на сите потенцијали на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, а во насока на брзо реагирање при евентуалните миграциски предизвици и заштита на нашите заеднички граници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.