Потпишан документот за разместување на руското нуклеарно тактичко оружје во Белорусија

Министрите за одбрана на Белорусија и Русија го потпишаа во четвртокот документот за распоредување на тактичкото нуклеарно оружје на белоруската територија, објавија руските медиуми.

Москва ќе ја задржи контролата над оружјето и над сите одлуки за негова употреба, според рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу кого го цитира агенцијата ТАСС, кој претходно во четвртокот изјави дека Западот води „необјавен војна“ против Русија и Белорусија.

Руското министерство за одбрана претходно годинава соопшти дека во случајот на Белорусија, каде Москва има заеднички контингент со најмалку 9.000 свои војници, дека станува збор за тактичко нуклеарно оружје со далеку помала моќност и оти со договорот за Сојузната држава е обврзана да ја гарантира и безбедноста на Белорусија, чиј претседател Александр Лукашенко претходно го појасни чекорот со зголемувањето на трупите на НАТО на нејзините граници, како и разместување на ракетни системи вклучително и од страна на Украина.

Ова е првото распоредување на дел од рускиот нуклеарен арсенал надвор од границите на земјата, по распадот на Советскиот сојуз. Минатата година Русија во Белорусија стационираше проектил „Искандер-М“ кој може да носи нуклеарна боева глава. Од пред две седмици на руските воени полигони се увежбуваат белоруските пилоти на борбени авиони кои се вооружени со тактичко нуклеарно оружје.

Западот и Украина ја обвинуваат Белорусија дека ѝ дозволила на Русија да ја искористи нејзината територија за почетокот на ланската инвазија. Лукашено повеќепати го обвини Киев дека во содејство со Западот обучува белоруски радикали за предизвикување вооружен бунт во неговата земја, како и за чести провокации на заедничката граница, вклучително и падот на проектил од ракетниот систем „С-300“ и хеликоптерски и упади со беспилотни летала во белорускиот воздушен простор.

Договорот за формирање Унија (Сојузна држава) Белорусија и Русија е потпишан на 8-ми декември 1999 година. Неа ѝ претходеше формирањето на Заедницата на Белорусија и Русија во април 1996 година, а во април 1997 година на Сојузот Белорусија и Русија, со крајна цел создавање заедничка држава.

По доаѓањето на власт на белорускиот претседател Александр Лукашенко исчезна ентузијазмот за поголема политичка интеграција, бидејќи тој стравуваше од губењето на овластувањата и моќта, а често во минатото кокетираше и со Западот. Меѓутоа, Лукашенко се премисли откако увиде дека западните земји во своето приближување до границите на Русија имаат намера да изведат во Минск сличен преврат како и во Киев во 2014 година, а особено по претседателските избори во мај 2019 година кога не му беше признаена надмоќната победа и беа организирани масовни протести под обвинение дека се наместени резултатите. Тогаш Москва финансиски го поддржа во врска со наметнатите санкции, а му помогна и во нормализирање на безбедносната состојба имајќи ги предвид зголеменото присуство на трупи на НАТО на белоруските граници.