Потпишан меморандум за соработка меѓу ВВ „Тиквеш“ и „Факултет за земјоделски науки и храна“ во состав на УКИМ во Скопје

Ефективна размена на научни и стручни практики и знаења во областа на лозарството и винарството и стручна пракса за студентите и експертите се дел од главните придобивки од потпишувањето на Меморандум за соработка меѓу Винарска визба „Тиквеш“ и Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Во Меморандумот се дефинирани сите области на соработка меѓу факултетот и винарницата, која ќе придонесе за понатамошен развој на оваа значајна земјоделска гранка во земјава, преку симбиоза меѓу науката и современите светски практики.

„За нас во Тиквеш оваа соработка е од големо значење, затоа што ни овозможува да го ползуваме експертскиот капацитет на водечката научна и стручна институција од областа на земјоделството во нашата земја. Дополнително, ни отвора и можност за реализација на научно-истражувачки проекти кои ќе придонесат за понатамошен стручен развој на нашите вработени, но и на целокупниот процес на производство. Истовремено, ќе можеме да учествуваме во формирањето на идните експерти во областа, кои во следните години ќе продолжат да ја развиваат нашата гранка и индустрија, унапредувајќи ги уникатните предности на македонското лозарство и винарство“, рече Радош Вукиќевиќ, генерален директор на ВВ „Тиквеш“.

За Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, идната соработка со ВВ „Тиквеш“ носи бројни придобивки, особено во понатамошниот развој на образовниот процес и неговото приспособување кон потребите на винарската индустрија.

„Од огромно значење е формализирање на соработката со нашата најголема и најуспешна винарница, која покажа вистинска општествена одговорност ставајќи ги своите капацитети и огромно искуство на располагање пред сѐ за нашите студенти, но и за наставниот кадар, и за нивното стручно унапредување и образование. Реализацијата на практична настава за студентите од една страна, како и гостувањето на стручњаци на Тиквеш во наставниот процес од друга страна, ќе бидат од исклучително значење за образувањето на иден стручен кадар на нашиот факултет“, изјави деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, проф. д-р Вјекослав Танасковиќ.

Меморандумот ја дефинира заедничката соработка и во реализацијата на стручни и научни собири, работилници и летни школи, како размена на информации од одржани саеми, форуми и бизнис-настани.

Инаку, „Тиквеш“ во изминатиов период склучи договори за соработка и со средното техничко училиште и со средното земјоделско училиште, и двете од Кавадарци, со кои се регулира практичната настава во винарницата и стипендирањето на учениците со најдобар постигнат успех.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.