5.8 C
Skopje
недела, декември 1, 2024

Потпишани договори со јавните општински установи за инклузија на деца Роми

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со претставничката на УНИЦЕФ во државата, Патриција Ди Џовани и советникот за инклузија на Ромите во Владата на Република Северна Македонија, Елвис Мемети присуствуваа на потпишување на договори за инклузија на деца Роми во јавните општински установи во РСМ.

Како што соопштија од Министерството за труд и социјална политика биле потпишани осум договори со општините Центар, Гази Баба, Берово, Пехчево, Виница, Делчево, Кочани и Шуто Оризари.

Тренчевска во воведното обраќање се заблагодарила на проактивноста на општините и го истакнала значењето на предучилишното образование на децата.

– Во текот на овие 16 години од имплементацијата на проектот беа вклучени бесплатно околу 5.000 деца од ромската етничка заедница во 20 општини, беа ангажирани 20 негувателки Ромки кои работеа со овие деца и го олеснуваа процесот на интеграцијата на ромските деца во детските градинки и повеќето од нив се веќе во редовен работен однос, а некои се ангажирани со договор на проект. Покрај негувателки се ангажираа и 17 медијатори кои работеа со договори на проект во соработка со градинките, негувателките и проектниот тим, информирала Тренчевска, се наведува во денешното соопштение од Министерството за труд и социјална политика.

Таа истакнала дека децата Роми за време на нивното предучилишно воспитание не биле вклучени во сегрегирани групи, туку напротив во интегрирани заедно со децата од другите заедници кои живеат во Република Северна Македонија.

На настанот се обратила и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани.

– Овој настан е особено важен за УНИЦЕФ затоа што даваме поддршка за оваа програма. Со тоа овозможуваме инклузивни средини кои одговараат на сите деца, посочила Ди Џовани.

Таа напоменала дека и покрај големиот успех на Министерството зa труд и социјална политика треба да се продолжи со заложбите за вклучување на сите деца во предучилишно образование и воспитание и да продолжи со интеграцијата на децата во градинките.