Потпишани протоколите за пристап на Шведска и Финска во НАТО

Триесет сојузници на НАТО ги потпишаа протоколите за Шведска и Финска за членство на двете земји и тие сега се проследени до главните градови на членките на Алијансата за ратификација во парламентите.

„Ова е навистина историски момент за Финска, за Шведска и за НАТО. Ќе бидеме уште посилни, а нашиот народ ќе биде уште побезбеден бидејќи се соочуваме со најголемата безбедносна криза во последните децении“, рече генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Тој рече дека со потпишувањето на пристапниот протокол се иницира процесот на ратификација во секоја од земјите-членки.

„Кога ќе бидеме 32 членки, ќе бидеме уште посилни… во време кога се соочуваме со најсериозната безбедносна криза во последните децении“, рече Столтенберг, кој додаде дека не очекува промена во ставот.

„Имаше безбедносни прашања што требаше да се решат и го направивме она што секогаш го правиме во НАТО, да најдеме заеднички простор“, рече тој.

Секоја земја на НАТО има различни парламентарни предизвици и процедури и може да поминат уште неколку месеци пред двете нордиски земји да станат официјални членки.

Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто рече дека се надева на брз процес на ратификација.

Денешното очекувано официјално одобрение ги приближува двете земји до Алијансата. Како блиски партнери, тие веќе присуствуваа на некои состаноци кои се занимаваа со прашања кои директно ги засегаат.

Откако официјално беа поканети да се приклучат, Шведска и Финска можат да присуствуваат на сите состаноци на амбасадорите, иако сè уште немаат право на глас.

И покрај ова, ратификацијата во Турција сè уште може да претставува проблеми за нивниот евентуален пристап како членки.

Минатата недела турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека Анкара сепак може да го блокира процесот на пристапување доколку двете земји целосно не го исполнат барањето на Турција да ги предадат осомничените поврзани со забранетите курдски групи или мрежата на свештеникот Фетула Ѓулен, кој живее во егзил во САД, кого Анкара го обвинува за неуспешниот пуч во Турција во 2016 година.

Ердоган рече дека турскиот парламент може да одбие да го ратификува договорот.

Пристапувањето во НАТО мора да биде едногласно одобрено од сите земји-членки, што значи дека секоја има право да блокира.