Потпишувањето на Заедничката декларација за интеграција го потврдува зајакнувањето на Македонија како доверлива и важна членка на НАТО

Како дел од агендата за воено интегрирање на Македонија во структурите на НАТО, кое формално ќе се означи со денешното потпишување на Заедничката декларација за интеграција, командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација, генерал Филип Лавињ, денес во претпладневните часови оствари средба со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

По церемонијата за прием со воени почести пред Министерството за одбрана, генералот Филип Лавињ најпрвин оствари средба со генералот Ѓурчиновски на која се разговараше за активностите кои ги спроведува Армијата во процесот на трансформација и достигнатото ниво на подготвеност во исполнувањето на НАТО целите на способности.

Од страна на генералот Ѓурчиновски, за време на разговорот, е истакнато дека Армијата во изминатиот период работеше напорно и во континуитет во насока на исполнување на задачите од армискиот дел во интегративниот процес, како и во унапредување на постигнатите НАТО стандарди и критериуми.

Министерката Радмила Шекеринска за време на средбата најпрвин се заблагодари на генералот Лавињ, кој како командант на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација пристигна во Скопје за да се финализира процесот на интеграција.

Притоа министерката Шекеринска кажа дека за Северна Македонија е гордост што успешно го заврши интегративниот процес, истакнувајќи дека Република Северна Македонија ќе продолжи со посветеност да учествува во процесите на трансформација кои континуирано се одвиваат во НАТО и со тоа да придонесува во заедничките одбранбени способности на Алијансата.

Генералот Лавињ кој во текот на вчерашниот ден за време на финалната интегративна конференција истакна дека чинот на формално воено интегрирање претставува успех не само за Северна Македонија туку и за НАТО, во текот на денешните разговори го истакна значењето на денешното потпишување на Заедничката декларација за интеграција, кое не само што претставува важно достигнување на одбранбените способности, туку и го потврдува зајакнувањето на Македонија како доверлива и важна членка на Алијансата, земја членка која е подготвена и способна да ја прилагоди својата одбранбена структура и сили.

За време на оваа историска посета со која се означува потполната интеграција во НАТО, генералот Лавињ по средбите во Министерството за одбрана и Генералштабот ќе оствари средби со премиерот Зоран Заев, и со Претседателот и Врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски.

Во текот на денешниот ден по планираните состаноци со претседателот на владата, Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски ќе се реализира свечена церемонија за потпишување на Заедничката декларација, на која по обраќањето на првите луѓе во одбраната и командантот на Сојузничката команда за трансформација, генералите Ѓурчиновски и Лавињ ќе ја потпишат Заедничката декларација со која и формално земјата ќе биде целосно воено интегрирана во НАТО – Алијансата.