Софија нема причина да го крене ветото за Македонија, смета потпретседателот на бугарското Собрание

Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристијан Вигенин смета дека во моментов Софија нема причина да го крене ветото за Македонија, но ја поддржува идејата на премиерот Кирил Петков за свикување на нов Консултативен совет за национална безбедност.

„Прашањето за Северна Македонија се претвори во предмет на политичка злоупотреба од секаков вид. За Бугарија има стратешко решение, треба да се бараат  можните решенија, а не да трупаат политички придобивки. Наша задача како држава не е да ставаме вето, да ја попречуваме РС Македонија, туку да ги реализираме нашите цели – правата на Бугарите во Република Северна Македонија, заедничката историја, јазикот на омразата. Немаме ниту една основа за да го кренеме ветото за Република Северна Македонија“, изјави Вигенин за БНТ.

Истовремено тој ја поддржа идејата на Кирил Петков за свикување на нов Консултативен совет за национална безбедност за Македонија и тоа го посочи како неопходно, бидејќи прашањето е „доволно контроверзно“ и само претседателот на Бугарија, Румен Радев може да ги собере сите партии на една маса за да разговараат за него.

Според Вигенин, заклучоците на Советот потоа би можеле да бидат поддржани со одлука на Собранието или Владата на Бугарија.

„Да видиме дали имаме нешто конструктивно и позитивно со што можеме да излеземе и што ќе го гарантира нашиот долгорочен интерес како држава“, рече тој.

Запрашан дали бугарското Собрание би требало да донесе нова декларација во врска „со прашањето за Република Северна Македонија“, Вигенин вели дека не знае дали е време за нешто такво, во услови кога нема нов момент во однос на темата.

Тој сепак смета дека е неприфатлив ставот на премиерот на Бугарија, Кирил Петков да се свика ново заседание на Советот само за да се види дали има некаков позитивен план за развој на односите, бидејќи не може само „да се седи од двете страни на границата и да се чека нешто да се случи“.

Вигенин уште додаде дека помалку треба да ги интересира што очекуваат Брисел и Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.