Потпретседателот на САД во ненајавена посета на Авганистан

Американскиот потпретседател Мајк Пенс во четвртокот ноќта по средноевропско време ненајавено допатувал во Авганистан и се сретнал со челниците на оваа земја на коишто им ја потврдил подготвеноста на САД да го продолжат својот ангажман до конечниот пораз на терористите.

Потпретседателот Мајк Пенс допатувал во воената воздухопловна база Баграм, а потоа со хеликоптер одлетал за авганистанската престолнина Кабул каде што се сретнал со авганистанскиот претседател Ашраф Гани и главниот извршен функционер на авганистанската влада Абдула Абдула, кој ја има функцијата на потпретседател.

Пенс на авганистанските челници им рекол дека се надева оти неговата присутност е доказ дека САД се одлучни да продолжат да помагаат во борбата против бунтовниците.

Американскиот претседател Доналд Трамп во август најави пресврт во политиката кон Авганистан во однос на неговиот претходник Барак Обама за брзото повлекување на американските војски од оваа земја, и најави јакнење на американската кампања против побунетите талибани.

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани изразил благодарноста до американската администрација и рекол дека авганистанското партнерство со САД е „забетонирано“ со поднесените жртви.

Пенс за новинарите изјавил дека била исплатлива стратегијта за зголемување на бројот на американските војници на теренот и поголемите овластувања за воените челници.

„Резултатите навистина започнаа да се гледаат низ целата земја“, рекол американскиот потпретедател. Пенс додал дека Гани и Абдула кажале и дека „започнале да гледаат промена во ставот на талибаните“, како и оти се надеваат дека „непријателот еднаш ќе се замори од поразите“ и ќе биде подготвен на разговори за мир.

На прашањето дали ќе бидат потребни уште војници, Пенс рекол дека за тоа следните денови ќе одлучи претседателот Трамп. Кон крајот на август во Авганистан имало 11.000 американски војници во Авганистан, но од тогаш пристигнале уште, а нивната бројка засега не е соопштена.

Кусата посета на американскиот потпретседател беше тајна од безбедностни причини, впрочем како и сите досегашни на челниците на САД на Авганистан. Од новинарите коишто патувале со Пенс било побарано да не откриваат каде се наоѓаат се додека делегацијта не се вратила од Кабул во базата Баграм.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.