Потрагата продолжува, нема да запреме сè додека не го најдеме Мартин, велат спасувачите

Потрагата по Мартин Јовановски, кој на 9 јули исчезна во морето кај Посиди на првиот крак на Халкидики, продолжува и денеска. Спасувачите- волонтери не запираат со потрагата, а претседателот на грчкиот волонтерски спасувачки тим ОФКАТ, Христос Рамос во разговор со МИА од Атина, вели дека нема да запрат сè додека не го најдат исчезнатиот.

Членовите на ОФКАТ од прв момент се на терен, секојдневно веќе 13-ти ден пребаруваат во различни делови, како на копно, така и во море, а нивната потрага продолжи и по завршувањето на официјалната потрага што ја водеше Крајбрежната служба на Грција.

– Секако дека и денеска продолжува потрагата и нема да заврши сè додека не го најдеме Мартин. Оваа изјава ја дадов уште од самиот почеток и е ветување што му го дадов на семејството на Мартин, истакна Рамос за МИА.

Од ОФКАТ, на нивниот официјален Фејсбук профил вчера се објави фотографија од црни шорцеви, најдени во близина на Катерини, слични на оние на Мартин. Фотографијата им ја испратил граѓанин, кој, за жал, не ги задржал шорцевите.

– Не успеавме да го најдеме костимот за капење. За жал човекот кој го фотографирал не го земал. Ние бевме на местото каде што ни кажа човекот, заедно со хотелот го пребаравме целиот дел, во трските, ѓубрето, но не ги најдовме, рече Рамос.

Претседателот на ОФКАТ, објасни дека со оглед на тоа што шорцевите биле во близина на Катерини, потрагата се префрли во конкретниот дел, односно вчера во делот на Макријалос, Метони, Аликес од страната на Катерини, а денеска ќе се пребарува од спротивната страна, односно во Солунскиот Залив во делот на Епамони, Каликратија, Созополи, Ираклија…

Во потрагата по Мартин помагаат и лица од Северна Македонија, со дрон и спасувачи кои пребаруваат на друга локација.

Во попладневните часови на 9 јули тројцата државјани на Северна Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди, на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.

Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен истиот ден по поминати околу два часа во вода, додека пак ден подоцна, по околу 20 часа во морето, беше пронајден и 30-годишниот Иван. Потрагата по третиот пријател, Мартин, продолжува веќе 13 дена.

Иако вообичаена пракса на грчката Крајбрежна служба е потрагата да трае 72 часа, односно три дена по исчезнувањето, овој рок беше продолжен по официјалното барање од македонска страна и телефонскиот разговор меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји Бујар Османи и Никос Дедниас.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.