Потрагата запрена, полицијата со сочувство до семејството на Сала

Потрагата по фудбалерот на Кардиф, Емилијано Сала и пилотот Дејвид Еботсон беше прекината. Од полицијата на островот Гернзи соопштија дека операцијата била прекината без да биде пронајдена трага од авионот или луѓето во него.

Ова се случува откако територија од над 1.700 квадратни милји била пребарана повеќе од еднаш, разгледани се податоците од мобилни телефони и сателитски снимки. Три авиони и пет хеликоптери поминале вкупно над 80 часови лет, во обид да најдат траги од Сала и Еботсон.

– Ги прегледавме сите расположиви информации, знаеме исто така дека на авионот имало опрема за итна помош. Ја зедовме најтешката одлука да ја прекинеме потрагата. Шансите за преживување во оваа фаза се исклучително мали, информираа од полицијата.

Од полицијата изразија сочувство на блиските на фудбалерот и пилотот, откако се прецизира дека сепак ќе продолжат да го следат реонот за траги од авионот.

Емилијано Сала патуваше од Нант за Кардиф, каде требаше да почне подготовка со новиот тим.