Потврдата за вакцинираност на Макрон на социјалните мрежи

Кодот од сертификатот на францускиот претседател Емануел Макрон со кој се потврдува вакцинираноста против Covid-19 се појави во вторникот на социјалните мрежи Snapchat и Twitter на кој се гледа неговото име, датумот на раѓање и вакцинирањето, како и видот на вакцината која ја примил.

Елисејскиот дворец објави дека приватниот документ бил објавен на социјалните мрежи, што го оцени како последица од „недозволиво однесување“, без разлика дали тоа било случајно или намерно. Претседателската палата засега не објави дали шефот на француската република ќе добие нов кјуар код.

На Емануел Макрон коронавирусната болест му беше дијагностицирана ланскиот декември, а се вакцинирал во мај годинава.

Француските здравствени власти имаат пристап до централизираниот систем за потврди за вакцинираност против Covid-19. Некој од вработените го пуштил во оптек во мрежата сертификатот на Макрон, иако не е јасно што сакал со тоа да постигне, додаваат од Елисејскиот дворец.

Ваквите кодови се наоѓаат на франциските ковид-потврди кои се неопходни за влез во музеи, театри, кина, кафеа и ресторани, како и за патувања со авион или со воз на подолги дестинации.

Во Франција целосно се вакцинирани против коронавирусот над 70 отсто од населението. Бројот на новозаразените продолжува да паѓа и неодаман изнесувапе околу 76 на 100.000 жители во седумдневен период.