Потврден коронавирус кај директорката на Клиниката за кожни болести

Поради непочитување на препораките, наша колешка лекар која пред една седмица  допатувала од Италија е заразена со коронавирус, изјави во понеделникот на вонредна прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Минситерот притоа додаде дека станува збор за директорката на клиниката за кожни болести.

„Практично таа по враќањето од Италија пет работни дена одела на работа, а земајќи го предвид овој факт исклучително внимателно пристапуваме кон мерките на клиниката за кожни болести,“ рече Филипче.

Појасни дека жената по враќањето во земјава, на Клиниката немала денови во амбуланта, односно немала контакт со пациенти, што според министерот е мала олеснителна околност.

По извршените проверки на Клиниката ќе се одлучува дали целиот оддел ќе биде затворен, пациентите испратени на домашно лекување, а вработените во самоизолација.

„Нејзината состојба е иста како и на двајцата сопружници, стабилна, додека состојбата на првозаболената е целосно стабилизирана, во текот на денот ќе се одлучи дали ќе биде пуштена од болница“, рече во продолжение Филипче.

„Целата екипа на Институтот од јавно здравје прави проверка на сите кои соработувале со неа, вработени и пациенти.

„Можно е одделот целосно да биде затворен. Сите препораки коишто ние ги дадовме, мерки со коишто сме во предност пред целиот регион, секаде каде што ќе видиме прекршок, ќе преземеме најостри мерки. Колешката ќе биде хоспитализирана, сите други ќе бидат во домашна изолација. Морам да истакнам дека сум максимално разочаран од непочитувањето на препораките“, рече министерот.

Филипче порача дека секојдневните апели за самоизолација мора да се сфатат многу сериозно, бидејќи невозмоќно е да се затворат границите. Потенцираше дека секој којшто доаѓа од ризичен регион, доколку на граница нема симптоми, мора да остане во самоизолација 14 дена.