Потврден прв случај на повторна зараза со коронавирусот во САД

Првиот случај на потврдена повторна зараза со новиот тип коронавирус во САД е опишан во студија објавена од група научници од американската сојузна држава Невада.

Како што пишува во петокот весникот The New York Times, станува збор за само четвртиот случај во светот кога е потврдена повторна коронаинфекција кај пациент кој веќе ја прележал заразата со SARS-CoV-2.

Претходно седмицава слични случаи на потврда на повторна зараза со коронавирусот беа пријавени во Хонгконг, во Холандија и во Белгија, кои минале со благи форми и симптоми. Но во случајот на повторувањето на инфекцијата кај 25-годишен жител во Рино во Невада, тоа било придружено со сериозни симптоми.

Американецот во март годинава се пожалил на болките во грлото, кашлица и гадливост, а направениот тест на коронавирус на 18-ти април го потврдил присуството на SARS-CoV-2. До 27-ми април, младиот маж закрепнал, што било потврдено со два негативни теста. Меѓутоа, пациентот повторно на 28-ми мај се почувствувал лошо и на 5-ти јуни бил хоспитализиран. На рентгентските слики од белите дробови на пациентот лекарите откриле траги од коронавирусна инфекција.

Испитувањата на примероците земени од пациентот го потврдиле сомневањето за повторна инфекција, која била поразлична од првата кај истиот пациент и се манифестирала со посилни симптоми и потешка форма. Директорот на лабораторијата во Невада, Марк Пандори, изјавил дека засега не е јасно зошто болеста е во потешка форма во повторениот случај.

„Можно е да има биолошки причини за тоа, но во моментов не можеме да зборуваме за тоа со сигурност“, вели Пандори.

Во студијата се наведува дека кога примероците од пациентот биле анализирани првиот пат, тие не биле проверени за присуство на антитела, но по повторната инфекција во телот на младиот пациент се пронајдени антитела.

Досега ширум светот имаше повеќе извештаи дека со коронавирусот едно лице може да се зарази повеќе од еднаш, но повеќето од ваквите случаи се поврзани со лажни позитивни и неисправни тестови. Многу ретки се случаите кога повторната инфекција е документирано потврдена.

Научниците досега не дојдоа до недвосмислен заклучот што може да ја предизвика потворната инфекција: самиот вирус, карактеристиките на имунолошкиот систем кај одредена лица или, пак, комбинацијата од овие два фактора.

Во публикацијата се истакнува дека реинфекцијата не ги изненадува истражувачите, имајќи предвид дека во светот се регистрирани милиони случаи на заразата. Меѓутоа, сѐ уште не е јасно дали ваквите случаи, особено оние со сериозни симптоми, се аномалија или ќе се среќаваат почесто. Според мислењето на Анџела Расмунсен, експерт виролог од Универзитетот Колумбија, „неопходно е да се проучат многу вакви случаи, пред да се даваат какви било претпоставки за тоа која хипотеза е точна“.