Потврдено дека Мијалков има коронаинфекција

Поранешниот директор на Убравата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кој е  обвинет во неколку случаи на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), Сашо Мијалков е позитивен на коронавирусот, потврди неговиот адвокат.

Претходно во средата беше објавено дека Мијалков не се појавил на денешното рочиште за случајот „Таргет Тврдина“, поради сомневање за инфекција со коронавирусот поради повисока телесна температура, откако било потврдено дека неговата сопруга македонската примабалерина Александра Мијалкова била позитивна.

Неговиот адвокат Љупчо Шврговски подоцна во текот на денот за „Фокус“ потврди дека на Мијалков му било соопштено дека неговиот тест е позитивен, но оти сѐ уште немал добиено решение.

Шврговски вели дека тие како негови адвокати, иако контактирале со него нема да одат во изолација, бидејќи комуницирале на дистанца, а Мијалков постојано носел маска.

„Тој беше особено внимателен, постојано одржуваше дистанца и носеше маска. Мислам дека нема да има потреба да одиме во изолација“, вели Шврговски.

Судењето за „Таргет Тврдина“ беше одложено откако Сашо Мијалков пројавил симптоми на коронавирусот, а на денешото рочиште беше предвидено да сведочи министерот за правда Бојан Маричиќ.