Потврдено обвинението за Хашим Тачи, поднесе оставка, оди во Хаг (проширено)

Косовскиот претседател Хашим Тачи поднесе во четвртокот оставка на претседателската функција, известувајќи истовремено дека против него е потврдено обвинението од Специјалното обвинителство за воени злосторства и најавувајќи го своето доброволно заминување го Хаг.

Претходно во јули Хашим Тачи, кој е еден од главните личности во поранешната Ослободителна армија на Косово (ОВК – UCK), во Хаг разговараше со обвинителите на Судот за воени злосторства и злосторства против човечноста во текот на судирите во поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија во периодот 1998/1999 година.

Обвинителите сметаат дека Тачи е одговорен за близу 100 убиства во текот на судирите.

Рано утрото во четвртокот лидерот на Демократската партија на Косово (PDK) и поранешен претседател на косовскиот парламент Кадри Весели соопшти дека и против него е потврдено обвинението и оти без присила ќе замине во Хаг.

Тачи и Весели, и групата „И други“, заедно се на обвинението по 10 точки кое на Специјализираните совети им било предадено на разгледување уште на 24-ти февраури годинава, во кое се обвинети за низа злосторства против човечноста и за воени злостроства, вклучително и убиства, принудни исчезнувања на лица, прогони и измачувања.

Во извештајот за обвинението, кое Обвинителството го објави и пред да биде потврдено обвинението, се наведува дека Тачи, Весели и другите обвинети, понесуваат кривична одговорност за речиси 100 убиства.

Жртви на злосторствата од обвинението се стотина лица чиишто идентитети се познати и меѓу кои има косовски Албанци, Срби, Роми и лица од други националности, како и политички противници, наведува порталот Kossev.

Обвинителството Тачи и Весели ги обвини и за опструирање на работата на судот.

По Весели и Тачи, ова е петтото вкупно потврдено обвинение на Специјалното обвинителство. Претходно обвиненијата се потврдени за Салиху Мустафа, за измачувње на најмалку шест и убиство на едно лице во затвор на ОВК во Злаш. Мустафа се изјасни дека не е виновен по сите четири точки од обвинието.

Во средата во Приштина беше уапсен уште еден поранешен претседател на косовскиот парламент и поранешен портпарол на ОВК, Јакуп Красниќи. И против него е потврдено обвинение, но засега не е познато за што тој се товари.

Обвинението е потврдено и против шефот на парламентарната група на партијата Самоопределување (VV), Реџеп Салими, но не се познати поединостите и од ова обвинение, а косовските медиуми објавија дека тој во четвртокот утрото отпатувал во Хаг.

На обвиненија од Специјалното обвинителство во притворот во Хаг чекаат и Хисни Гуцати и Насим Харадинај, претседателот и потпретседателот на Здружението на воените ветерани на ОБК, но тие не се товарат за воени злосторства, туку за кривични дела против правдата поради „истекување“ доверливи информации од Обвинителството.

Должноста косовски претседател по оставката на Тачи ќе ја преземе претедателката на парламентот Вјоса Османи, до изборот на нови претседател.