Повеќе од 200 луѓе уапсени за време на протестите во Хонг Конг

Повеќе од 200 демонстранти беа уапсени синоќа во Хонг Конг, јавија денеска локалните медиуми.

Полицијата не соопшти официјално колку лица се уапсени, но околу полноќ по локално време ги разбила демонстрациите и уапсила повеќе учесници откако ги предупредила да се разотидат.

Во полициското соопштение се вели дека демонстрантите извикувале слогани и поставиле бариери за да блокираат улици во областа Монгкок, како и дека се подметнати пожари во делови од градот.

Антивладиното движење, кое минатата година го парализираше Хонг Конг со месеци со протести, покажува знаци на заживување, откако се намали опасноста од коронавирусот и откако Владата дозволи собирање до осум лица на јавни места.

Весникот „Епл Дејли“ објави дека биле уапсени повеќе од 200 демонстранти, додека „Кина Морнинг пост“ објави дека се уапсени 250 лица.

Демонстрантите бараат, како што велат, „целосна демократија“ во тој кинески автономен град и истрага за бруталноста на полицијата при задушување на демонстрациите.