Повеќе се зборува за корупција во јавните набавки, наместо да има практични механизми имплементирани од институциите

Сериозни слабости регистрирани во процесот на спроведување на јавните набавки во јавните претпријатија и Акционерските друштва .Ваквата ситуација според  Центарот за граѓански комуникации ја наметнува потребата од воспоставување на механизми за борба против корупцијата.

„За жал досега многу повеќе зборувавме за корупција во јавните набавки отколку што видовме некакви практични механизми дека се имплементираат од страна на институциите“, посочи Сабина Факиќ.

Преку политичка волја ќе работиме за искоренување на оваа појава и засилување на борбата против корупцијата во јавните набавки, порача вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски на дебата организирана од Центарот. Јавните набавки се уредени со строги закони и се прави сериозен обид за заштита  од можноста за злоупотреба .

„Затоа сме насочени кон креирање на системски мерки и политики за намалување на ризикот од корупција во јавните набавки во државните претпријатија“, вели Љупчо Николовски.

Според Николовски и покрај фактот што транспарентноста во трошењето на државните институции во изминатите три години е на повисоко ниво , сепак се уште постојат големи ризици од корупција. Истражувањето на Центарот укажува на  ризици од корупција преку чести измени на плановите за јавни набавки, доставување по една понуда, договарање на фирмите со цел една на друга да си го препуштат добивањето на тендерот. Беше укажано  и на проблемот каде  едни исти личности,  долго време остануваат вклучени на високи позиции во делот на јавните набавки. Токму поради ова упатените порачуваат  дека е неопходна ротација, бидејќи со долгото останување на одредена позиција, една иста личност може да подлегне на притисоци.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.