Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по вчерашното лишување од слобода во селото Грчец на првоосомничениот од предметот „Планина“ ќе ја продолжи истражната постапка против него.
Тој, како што соопшти денеска Јавното обвинителство, а станува збор за Иљаз Муареми, по наредба на обвинителството се бараше со национална и меѓународна потерница од 2021 година заради постоење на основано сомнение дека како главен организатор сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, предвидено и казниво по член 215 став 3 вв став 1 од Кривичниот Законик.
Врз основа на признание на вина на главна расправа петмина обвинети се осудени на казна затвор и тоа: едно лице на казна затвор од 3 години и 5 месеци, две лица на казна затвор од 4 години, едно лице на казна затвор од 5 години и едно лице на казна затвор од 6 години. По поднесени жалби на санкции на две лица казните се преиначени и намалени од 6 години на 5 години и од 4 години на 3 години и 6 месеци.
По одржана главна расправа донесени се пресуди за три лица од кои две во постапка пред второстепениот суд се преиначени и тоа од 4 години на 5 години затворска казна и од 3 години и 6 месеци на 6 години, додека пресудата за едно лице осудено на казна затвор во трење од 6 години е потврдена.
За едно лице истрагата останува прекината до негово пронаоѓање, за три лица е донесена Наредба за запирање на истрага од кои за две предметот е препратен на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство – Скопје, додека на детето во судир со законот му се изречени воспитни мерки во траење од 1 до 5 години.
„Членовите на двете организирани криминални мрежи, продавале наркотична дрога преку препродавачи во Скопје, Гостивар, Тетово, Струмица и други градови по цена која се движела во износ од 4000 до 5000 денари за 1 (еден) грам кокаин и во распон од 12.000 до 15.000 денари за 100 грама марихуана“, стои во соопштението.