Поведена постапка за одземање на лиценцата на анестезиологот од Тетово

Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора на Република С Македонија донесе одлука за поведување на постапка за времено одземање на лиценцата за работа на анестезиологот вработен во Клиничката болница во Тетово, поради тоа што со објава на видеоснимка од гинеколошкото Одделение на болницата во живо на социјалната мрежа Тик-Ток ја искористил својата позиција и ги нарушил правата на пациентите и нивното достоинство, а со тоа го нарушил и угледот и честа на лекарската професија.

„Комисијата за етички и правни прашања, согласно правните регулативи на Комората, денес одржа вонредна седница, на која по детална расправа и разгледување на случајот, членовите на Комисијата донесоа едногласна одлука за покренување на постапка пред Судот на честа на Лекарската комора“, истакна претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.

Согласно постапката, Обвинителот на Судот на честа, по разгледување на пријавата, истата ја прифати и до Судот на честа на Комората достави обвинение против д-р Ваљтон Дервиши, анестезиолог вработен во ЈЗУ КБ Тетово, со предлог Судот на честа да му изрече мерка за времено одземање на лиценцата за работа согласно условите предвидени во Законот за здравствена заштита. Согласно правните регулативи, обвинението денес му е доставено на д-р Дервиши, а по истек на минималните временски рокови предвидени во постапката, Судот на честа ќе заседава за донесување на конечна одлука.

Претседателката на Комората потенцираше дека лекарите својата професија треба да ја извршуваат совесно и одговорно. Секогаш на прво место треба да им биде сочувување на здравјето, со следење на етичките норми и почитување на човековото достоинство, приватноста и интегритетот на пациентите. Лекарот е обврзан да ја чува професионалната тајна, а во професионалниот и приватниот живот да ги негува личните квалитети, соодветни на местото и достоинството на лекарската професија во општеството. Лекарот треба да е свесен дека со секој несоодветен, лекомислен, нечесен и понижувачки акт, ги компромитира сите други колеги.

„За жал, во овој случај, етичката Комисија констатираше дека колегата со своите постапки и однесување прекршил повеќе етички норми на кои го обврзува Кодексот на медицинска деонтологија, поради што е поведена постапка пред Судот на честа. Лекарската комора уште еднаш изразува најостра осудува за инцидентот и искрено жалење за состојбата во која се доведени пациентите и упатува јавно извинување до нив“, изјави претседателката на Комората, која појасни дека лиценцата за работа трајно може да се одземе само во случај кога постои правосилна судска пресуда со која е утврдено дека лекарот сторил стручен пропуст со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт.

Лекарската комора како професионална организација на сите доктори во нашата земја, со цел заштита на нивниот углед, како и да ги заштити правата на пациентите, активно ќе ги следи сите вакви инциденти и нема да дозволи изолираното несовесно однесување на поединци да биде препишано на колективна одговорност на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат во третманот на пациентите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.