Повеќе кредити за стимулирање на развојот

кредити

„Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и на растот на структурната ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација и понатаму се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем“ – соопштија од НБРМ.

Ова е втор ваков потег за еден многу кус период на монетарната власт, а со него се праќа и сигнал до комерцијалните банки, бидејќи основната камата игра голема улога во процесот на одредување на каматите за кредитите и за штедните  влогови.

Централната банка ги анализираше и податоците за кредитниот пазар во декември. Тие се поволни, бидејќи има забрзување на месечниот раст на вкупните кредити на приватниот сектор, главно поттикнат од движењата кај корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст на кредитите достигна 6,6%.

Повеќе кредити за компании значи и влез во нови инвестиции, динамизирање на економијата, отворање нови работни места.

„Кога ги анализираме нарачките, кога ги анализираме инвестициите, кога го анализираме извозот, тоа е еден поврзан круг. Компаниите во 2017 година очекуваат поголеми бенефити и продолжување на активностите, како што беше кредитната линија од ЕИБ, значи поевтини кредити преку МБПР и комерцијалните банки. Потребна е финансиска инјекција за ублажување на неликвидноста која што е рак рана на македонската економија во последните дваесетина година“ – вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.

Сличен е ставот и на Сојузот на стопански комори.

„Последните информации од Македонската банка за поддршка на развојот се дека компаниите покажаа особен интерес за четвртата транша кредитна линија со поволни каматни стапки од Европската инвестициска банка. Потребно е да се формираат фондови за одобрување строго наменски кредити со пониски каматни стапка за стимулирање на извозот на извозно ориентираните компании“ – вели претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Има здрава основа за подобри движења во стопанството. Кај ликвидноста на банкарскиот систем во декември е забележан релативно висок месечен раст. Има и раст кај вкупните депозити, што е резултат на повисоките депозити на претпријатијата, но значителен придонес има и штедењето на домаќинствата.

Македонија со солиден економски раст

Македонија во 2017 година ќе забележи економски раст. Сепак, ризиците сè уште се присутни, иако постепено се намалуваат, особено оние кои се поврзани со домашната политичка криза.

„ Последните податоци покажуваат постојано стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, што придонесува за раст на штедењето на населението и откуп на девизи на НБРМ на девизниот пазар. Ваквите поволни движења укажуваат на услови за постепено приспособување на основната каматна стапка на нивото остварено пред мај 2016 година. Оцените за стабилноста на економските фундаменти остануваат позитивни“ – резимира Народната банка.

Светска банка, пак, во својот јануарски извештај наведе дека земјава годинава се очекува да оствари економски раст од 3,3%, во 2018 растот ќе забрза до 3,7%, а веќе во 2019 година ќе дојдеме до нивото од 4% раст на БДП. Ова се нешто пониски проекции од она што Банката претходно го соопштуваше, но треба да се има предвид дека Македонија се уште не е излезена од политичката нестабилност.

„Час поскоро е неопходно да се најде соодветна завршница на политичката криза и да се фокусираме на она што претставува главен приоритет на оваа држава, а тоа се економскиот развој, креирање на работни места и повисок животен стандард на граѓаните“ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Проекциите на домашните и на меѓународните институции за економскиот раст на Македонија се движат од 3% до 3,5% во 2017 година.

„Очекуваме инвестициите и извозот да продолжат да бидат главните носители на растот“ – вели гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

институција проекција за раст
Влада 3%
Народна банка 3,5%
Светска банка 3,3%
ММФ 3,2%
ЕБОР 3%

Стопанските комори од земјава се со поделени мислења.

„За оваа 2017 година нашите предвидувања се дека ќе имаме раст на БДП од 3%. Сепак, постојат одредени предизвици, ризици кои секако треба да се антиципираат, тука пред сè мислам на разрешувањето на политичката криза во земјава“ – вели извршниот директор во ССК, Митко Алексов.

Во Стопанската комора на северозападна Македонија се попесимистички расположени, очекуваат растот да се движи до 2,5% од БДП.

„Сметаме дека на земјава и претстои турбулентен период на економски план, бидејќи и во новата година се речиси истите проблеми, а не очекуваат и уште едни избори, тоа се локалните избори“ – вели извршниот директор на СКСЗМ, Фатмир Битиќи.