Повеќе лекови на рецепт за граѓаните

Намалени цените на нови 282 лекови

Од вчера осигурениците имаат повеќе лекови на рецепт во аптеките низ целата држава. Средствата наменети за аптеките се зголемени за  дополнителни 80 милиони денари за лековите  на рецепт до крајот на годинава.

Тоа, како што инфоремираат од Фондот за здравствено осигурување, значи од досегашни 2,46 милијарди денари,  новиот буџет за лекови на рецепт за 2016 година ќе изнесува 2,55 милијарди денари.

Со цел да се овозможи еднаквост во  прераспределбата  на овие средства, Фондот одлучи да направи измени во Правилникот за квоти со воведување на линеарно зголемување и минимална загарантирана квота. Имено, од вкупно 776 аптеки, кои во моментов имаат активен договор, со  реализација на квотата над 90% во анализираниот период, се 742 аптеки и кај истите согласно правилникот треба да се зголеми квотата. Зголемувањето на квотите се однесува на 724 аптеки кои ќе добијат зголемување од дополнителни 26.000 денари месечно до крајот на годинава. Бенефит од ваквиот тип на прераспределба ќе го почувствуваат малите аптеки, за кои овие средства ќе значат сериозно зголемување на нивните квоти. Линеарниот начин на прераспределба значи и поголема конкурентност на малите аптеки затоа што со стандардната методологија за вакво зголемување би им требал подолг временски период. На овој начин сметаме дека ќе се овозможи подобра распределба на средствата за лекови особено во помалите аптеки кои се наоѓаат во пооддалечените места од централните градски подрачја, а со тоа ќе се подобри достапноста на лековите на рецепт.  Фондот се реши на ваков потег со цел уште повеќе да ја зголеми достапноста на лекови на рецепт во аптека, информираат од ФЗОМ.

Оттаму наведуваат дека со воведување на  минимална квота на ниво од 50 илјади денари, што претставува почетна квота за аптекарските станици и подвижните аптеки кои работат во помалку населени места,  ќе  се овозможи функционирање на  16 аптеки, кај кои после спроведената анализа на реализација на квотата, истата требаше да изнесува под 50.000 денари со што би се довело во прашање нивниот опстанок.

Согласно Правилникот, прераспределбата на квотите е направена врз основа на просечно месечно реализираните износи на квоти, согласно податоците со кои располага Фондот во последните шест месеци (период јануари – јуни 2016 година), при што квотата се намалува согласно дефинираната скала од Правилникот во зависност од процентуалната реализација на аптеката.Зголемувањето e рамномерно (линеарно), односно сите аптеки што имаат реализација над 90% добиваат еднакво зголемување во апсолутен износ, информираат од ФЗОМ.

Инаку минатата година се потрошени околу 21 милиони лекови на рецепт што ги реализирале 1 милион и 300 илјади граѓани. Буџетот за лекови на рецепт во 2003 година изнесувал 1 милијарда денари, во 2008 година 1,5 милијрди денари, во 2013 година 2,1 милијарда денари, а денес изнесува 2,55 милијарди денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.