Повици за подобри услови за работа го одбележа Денот на трудот низ светот

Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот од различни делови во светот денеска пристигнаа повици за поголеми плати, подобри услови за работа, платено породилно отсуство и останати права, кои треба да ги задоволат стандардите на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Илјадници работници во Тајланд излегоа на улиците на главниот град Тајпеј, со барање за побезбедни услови за работа и повеќе платени отсуства.

– Бараме повеќе празници, платено породилно отсуство од најмалку 90 дена и платено отсуство за негување стари и изнемоштени родители, порача Хуанг Ју-те, генерален секретар на Конфедерацијата на синдикати Таинан. Според организаторите на протестот, Тајванците во просек работат 2.035 часа годишно или околу 36 работни денови повеќе од просекот на земјите од Организацијата за економска соработка и развој, кој изнесува 1.744 часа.

Најголемите партии на Шри Ланка не одржаа денеска собири на отворено, почитувајќи го повикот на властите поради безбедносната ситуација по терористичките напади во кои беа убиени 253 лица, да не се одржуваат големи собири, јави Хина.

Прославата на Празникот на трудот во Камбоџа беше забранета со години, што не е случај со оваа година. Околу 1000 лица учествуваа во маршот околу градскиот плоштад. Синдикатите и здруженијата од цивилното општество повикаа на заштита на работничките права и промовирање на еднаквост меѓу мажите и жените. Тие, исто така, бараат воведување минимална плата во сите сектори, а не само во текстилната индустрија.

Денешниот ден се одбележува и во Грција, каде работниците од пристаништето Пиреј стапија во штрајк, поради што туристите денеска цел ден нема да бидат во можност да заминат на островите. Синдикатите на вработените во поморството, но и синдикатите на возачите на автобуси и возови повикаа на 24-часовен штрајк, првенствено барајќи подобри услови за работа.

Илјадници лица се собраа денеска на Црвениот плоштад во Москва на првомајскиот марш, кој се одвива под паролата „праведна економија во интерес на работникот“.

Во центарот на Москва, собир организира и Комунистичката партија.

За време на протетсите во Париз, кои прераснаа во нереди, уапсени се 35 лица. Подоцна учесниците на собирот почнаа да фрлаат шишиња и камења кон полицијата, на што следуваше одговор со пендреци, солзавец и чадни бомби. Припадниците на движењето „Жолти елеци“ маршираат по улиците на Париз заедно со синдикатите, пензионерите, студентите и другите парижани со цел да го одбележат Меѓународниот ден на трудот.

Први Мај и во Турција ќе биде одбележан со бројни собири и маршеви. Во Истанбул веќе настанот е во тек, иако турските власти забранија собирање. На плоштадот Таксим, полицијата од рано изутрина спроведува зајакнати мерки на безбедност. Сообраќајот во центарот на градот е запрен.

Во нордиските земји засега нема собири по повод Денот на трудот, но се најавени говори на опозициски челници. Во Данска, претседателката на опозициските социјалдемократи Мете Фредериксен ќе одржи четири говори, Социјалдемократскиот премиер на Шведска Стефан Лофвен ќе одржи првомајски говор во Умеи. Во Шведска, три собири ќе одржи и пронацистичката партија Нордиско движење на отпорот, согласно шведскиот закон за слобода на изразување.

МИА

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.