Над 140 милиони евра државна поддршка ќе добијат годинава земјоделците. Во тек е постапката за поднесување на барања, а сите земјоделци кои ги исполнуваат условите имаат можност најдоцна до 30 јуни оваа година да ги поднесат своите апликации до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, пишува Лидер.
Новина- електронски апликациии за субвенции
По примерот на најразвиените држави, новина оваа година е можноста земјоделците да ги пополнат обрасците на барањата за добивање на субвенциите по електронски пат. Воспоставен е електронски систем кој овозможува оние земјоделците кои имаат познавање од компјутерски вештини да ги внесат потребните податоци во барањето преку компјутер. Со примена на оваа можност земјоделците ќе заштедат во време, односно наместо да поминуваат повеќе часови во подрачните единици на министерството за земјоделие и таму да ги пополнуваат обрасците, претходно пополнетите и испечатени потпишани обрасци ќе ги предадат во подрачните единици за не повеќе од неколку минути.
Покрај тоа што ќе заштедат во време, земјоделците кои ќе ги пополнат податоците по електронски пат ќе помогнат и во поголемата ефикасност на институциите, односно ќе придонесат сите овие електронски внесени податоци да бидат побрзо и поефикасно обработени.
-Како Влада постојано ги зголемуваме средствата за поддршка на земјоделците, а паралелно со тоа работиме и на унапредување на системот во функција на обезбедување на поголема достапност и максимална искористеност на истите тие средства, така да во досегашниот период обезбедена е стручна помош за пополнување на барањата за субвенции отстранета е обврската за поднесување на документи за кои на органите на државна управа водат службена евиденција, а воведен е и интегриран систем за земјиштето, а сега се воведува и новина во функција на електронско потполување на податоците за барањата за субвенции кое што е прв чекор од интенцијата за што поголема електронизација во земјоделството, особено за оние помлада категорија на земјоделци. Роковите за поднесување на барањата се до 30 јуни оваа година. Апелираме земјоделците навреме истите да ги поднесат искористувајќи го и традиционалниот начин на пополнување на барањата во подрачните единици со обезбедена стручна помош или, пак, на овој нов начин со електронско внесување на податоците и потоа едноставна достава на поднесокот, се со цел да си ги добијат средствата коишто ги имаат заслуженo, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Останува и стариот систем на поднесување на барањата и обрасците, иако цел на државата е во следниот период да влијае на зголемувањето на употребата на електронски и компјутерски системи кај поголем број на земјоделци. Во тој контекст за земјоделците кои не се во можност да ги пополнат електронските барања останува можноста да ги пополнат обрасците на лице место во подрачните единици притоа користејќи ја бесплатната помош од страна на вработените во министерството за земјоделство и агенцијата за земјоделство.
Согласно програмата за финансиска поддршка за земјоделството право на аплицирање во предвидениот рок имаат земјоделците кои се занимаваат со растително производство односно со полјоделство, градинарство, лозарство, овоштарство и производство на сертифициран семенски и саден материјал како и земјоделците кои се занимаваат со сточарство односно со одгледување на говеда, овци, кози, свињи, живина и пчели.
Повисоки субвенции – поголем интерес за земјоделството
Во последните години драстично е зголемена финансиската поддршка во земјоделството и руралниот развој. Од 20 милиони евра колку што изнесувааа субвенциите во 2006- та, во 2016 година субвенциите изнесуваат над 140 милиони евра. Тоа придонесе се поголем број на земјоделци да го прошируваат производството, а оние кои не се занимавале , почнале да се занимаваат со земјоделска дејност
-Со земјоделие се занимавам уште од детските години, помагајќи и на моите родители, на мајка ми и татко ми и ми влезе во навика и така си продолжив со работа во земјоделието. Произведувам од се по нешто, моментално произведуваме зелка, патлиџани и краставици како прва култура, како втора култура, куртова капија. Субвенциите во последните неколку години редовно се исплаќаат, во секој случај е помош. Сме користеле мерка од ИПАРД за трактор и со самото аплицирање ми одобрија. Тракторот го добив пред Нова Година во полн ек сме во работа и со новата механизација е поисплатливо, побрзо се обработува поквалитето, заштедуваш со гориво и со време, вели Војче Стојков, земјоделец од село Добрејци, Струмица.
-Амбиентот после 2006 се интензивира, даваме наши сугестии. Никој со прст не мрдна пред 2006 та, но некој испадна паметем и денеска тие барање се имплементираа на терен, не зборувам популистички туку со факти.Земјоделците бараат, а државата застанува зад нас, неве капка по капка на пример имаме субвенција од 80 % , намест цел ден да бидеме на сонце ке си путиме тоа и нека тече вода. Има проблеми не викам не, но тие се решаваат и се помага на земјоделството како никогаш досега. Сакаме со син ми да го зголемиме производството, вели Мите Ванев, земјоделец.
-Од млад станав земјоделц, произведувам рана пиперка, курова капија, зелка. Моментално по магацини го пласирам прооизводството, а проектот Агро бизнис зона го поздравував, дури требаше уште порано да почне тој проект. Добро е моментално за нас, има работа , има субвенции, тоа е плус помош за нас. Тоа е борба за живот, вели Митко Коцев, земјоделец од Струмица,
Рокот за поднесување на барањата е до 30 јуни и од Владата информираат дека и во 2016 година се очекуваат над 80 илјади барања за субвенции.