Повлечен отказот на хигиеничарката која се обидела да се самоубие

43

Општинскиот суд во Самобор кај Загреб го поништил вонредниот отказ на хигиеничарката која во текот на работното време се обидела да се самоубие со скок од покривот на зградата на судот и притоа се здобила со тешки повреди, соопштил денеска хрватскиот синдикат.

„Веруваме дека од овој случај сите нешто научиле и дека, како и многупати досега во Хрватска, покажавме дека можеме да бидеме подобри луѓе кога ќе се потрудиме“, соопштил Синдикатот на државни и локални службеници.

Случајот на 28-годишната жена која добила отказ бидејќи во текот на работното време се обидела да се самоубие, предизвика негодувања во јавноста, а за тоа беа известени бројни локални и странски медиуми.

На барање на Синдикатот за заштита на правата на работниците, претседателот на судот во Самобор ја поништил својата одлука за вонредниот отказ која била обрaзложена со „посебно тешка повреда од работен однос и губиток на доверба“.

Иако уште на крајот на април после психичка растроеност се обидела да изврши самоубиство, отказот и бил врачен два месеци после тој настан и тоа додека била на лечење. Освен тоа, отказот не бил врачен во законскиот рок.

За сите случувања било известено и Министерството за правда, кое се вклучило во случајот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.